1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барозо категорично побара од романската влада да ги продолжи реформите

Еберхард Нембах / Зоран Јордановски17 мај 2006

Претседателот на Комисијата на ЕУ и еврокомесарот Рен попладнево ќе престојуваат и во Софија

https://p.dw.com/p/Ac6X
Букурешт
БукурештФотографија: dpa

Жозе Мануел Барозо во Букурешт посебно опомена на реформи во правосудството и во борбата против корупцијата, иако тие не беа наведени како најитни во вчерашниот извештај на европската Комисија за остварениот напредок на Романија и Бугарија во приклучувањето кон ЕУ. Во однос на шпекулациите дека пристапите на двете земји во Унијата треба да се одделат поради различниот степен на напредок во реформите, Барозо рече дека секоја земја ќе биде „посебно оценувана“ врз основа на нејзините постигнувања, но останува како цел истовремен пристап на обете.

Барозо, придружуван од еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен во Букурешт имаше средба со романскиот премиер Калин Попеску-Таричеану, а обајцата попладнево ќе престојуваат во Софија.

По вчерашниот извештај на Комисијата на ЕУ, во Романија се задоволни, во Бугарија малку повоздржани, но во обете земји се уверени дека на првиот ден од наредната година ќе бидат полноправни членки на Унијата. Во необјавениот натпревар за членство Романија води против Бугарија со 4 спрема 6; не е нелогочно, оти се мисли на критичните точки утврдени од Комисијата на европската Унија и Романија во тој поглед стои подобро.

На ова укажа и премиерот Попеску-Таричеану, според кого извештајот бил камен-меѓник на романскиот пат кон Унијата. „Отпадна заштитната клаузула во однос на корупцијата и обезбедувањето на границата. Подвлекувам дека извештајот изрично го предвидува 1-ви јануари 2007-ма како датум на кој Романија може да и’ пристапи на ЕУ. Алтернативниот термин 2008-ма ни на кој начин не е земен предвид“ – со задоволство нагласи романскиот премиер.

Европа бара од Романија подобрување на хигиената и заштитата од зарази на стоката, сигурен систем за распределба на субвенциите за земјоделството што доаѓаат од Унијата, поефикасно собирање на даноците и компјутеризација на даночните и финансиски власти. Признаени се напорите на Романија во сузбивањето на корупцијата и подобрувањето на правосудниот систем, но се бара тие да продолжат.

Контролорите од Брисел се задоволни и од важното обезбедување на идните нови надворешни граници на ЕУ од страна на романските служби. Германскиот криминалистички експерт Гернот Магер минатата недела оцени дека романските власти добро ја подготвиле за сите во Европа важната заштита од трговци со луѓе, лиферанти на дргоги и шверцери со оружје, кои од Молдавија преку Романија продираат во централна Европа.

Оцената за Бугарија е значително построга: и таа доби критика за состојбата во земјоделството и распределбата на парите од ЕУ. Европската Комисија смета дека воопшто нема осознатливо сузбивање на корупцијата, организираниот криминал и перењето пари. Меглена Кунева, бугарски министер за европска интеграција, забелешките ги означи како „упатство за совладување на задачите што уште преостануваат“ и оптимистички вели: „Има уште 227 денови. Можеме да успееме“. И покрај сета критика, таа не го смета извештајот за драматичен: „Има датум, и тоа е 1-ви јануари 2007-ма. Не знам што уште можам тука подобро да објаснам“ – изјави на телевизијата видливо напнатата министерка.

И еврокомесарот за надворешна политика Бенита Фереро-Валднер се изјасни за придржување кон тој термин – и покрај констатираните дефицити. „Мислам дека е многу важно на тие земји да им покажеме дека не ги оставаме пред врата, туку им ја отвораме вратата – и тоа го сторивме, истовремено сепак заканувачки кревајќи го показалецот“ – рече Фереро-Валднер за Бајерише рундфунк. Заканата искажана во извештајот на Комисијата се однесува на можното активирање на заштитните клаузули на есен – тогаш би можеле на двете земји да им бидат блокирани европските пари. Во таков случај Бугарија би била виновна за тоа, рече вчера романскиот премиер Попеску-Таричеану.