1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барање за регистрација на ОМО Илинден-Пирин

Горан Петрески15 декември 2006

Група симпатизери на “ОМО Илинден-Пирин“, здружение на Македонците во Бугарија, денеска демонстрираа пред канцеларијата на Европската комисија во Скопје.

https://p.dw.com/p/AdaO

”Македонија – решение за мир на Балканот”, ”Стоп за геноцидот врз Македонците во Бугарија”, ”Европо – Македонија има име, култура и историја”. Ова се дел од транспарентите на малубројната група симпатизери на ОМО Илинден –Пирин, кои денес протестираа пред канцеларијата на Европската комисија во Скопје. Во организација на Светскиот македонски конгрес, стотина луѓе упатија порака до Европа да се заинтересира за правата на македонското малциство во Бугарија. Организаторите поднесоа декларација до европретставникот во Македонија, Ерван Фуере, во која бараат Брисел да се заложи за регистрација на ОМО Илинден –Пирин како политичка партија во Бугарија. Тодор Петров на групата што ја предводеше и порача:

”Ги повикуваме сите народи на ЕУ, како и нивните влади, на почетокот на 21-от век да им кажат НЕ и стоп на расизмот, апартхејдот и наци-фашизмот на Балканот и во Европа. Ги потсетуваме ЕУ и НАТО дека Македонија е решение за траен мир на Балканот”.

Меѓу луѓето што протестираа имаше симпатизери на македонското здружение во Бугарија. Еве што рекоа двајца од нив:

”Бугарија треба да ја признае партијата ОМО Илинден. Затоа сме дојдени тука, за да дадеме поддршка. ”

”Сметам дека ЕУ и меѓународната заендица треба многу поенергично да го решат проблемот на Македонците, каде и да живеат во светот, а особено во Бугарија.”

Протестот го следеа и група бугарски новинари. Тие за Дојче Веле изјавија дека настанот им изгледа чудно и наивно:

”Смешно и невистинито. Ова е нешто кое може да се види на разни места кога се измешани различни интереси”, велат тие.

Проблемот со правата на македонското малцинство во Бугарија се актуелизираше откако судот во Софија одби да го регистрира како политичка партија македонското здружение ОМО Илинден - Пирин.