Барателите на азил од Македонија остануваат на улица
6 октомври 2011Дирк Ван ден Булк, првиот човек на белгиската институција во која ги проверува и одлучува за барањата за азил, за Дојче веле забележува дека тоа е лошата реалност во Белгија, поради многуте баратели на азил. Оние кои имаат среќа да ја чекаат одлуката во прифатен центар таму добиваат кревет, храна и малку пари.
„Во моментов, поради големиот број на баратели на азил не секој може да добие место во приемните центри и поради таа причина многу лица се оставени на улица без можност за прием. Мислам дека има и луѓе кои доаѓаат од Македонија и кои се на улица“, вели Дирк Ван ден Булк.
Од Европската иницијатива за стабилност велат дека европските земји самите се криви за таквата состојба. Гералд Кнаус за Дојче веле оценува дека решението на проблемот не лежи во Македонија или Србија, туку во некои од земјите каде процедурите за азил се подолги.
„Ви требаат две недели и тогаш дознавате дека не добивате азил во Франција или Австрија. Во Белгија тоа може да потрае до пет месеци, а ако се жалите – ќе требаат дополнителни пет месеци. Тоа значи дека ако аплицирате за азил во Белгија можете да останете многу долго време, а тоа чини и претставува трошење на ресурсите, бидејќи има вистински баратели на азил од земји како Сомалија или Чеченија или Русија или Авганистан за кои системот е дизајниран. А, Македонците или Србите навистина не би требало да бидат во тој систем“, вели Гералд Кнаус.
Скратени постапки за барателите на азил од Македонија
Од белгиската институција признаваат дека процедурата трае и до половина година, но за лицата од балканските земји веќе е значително скратена, па одговор се добива и за помалку од два месеци.
„Барањата на лицата кои доаѓаат од Македонија се третираат пред останатите и поради таа причина во моментов периодот е многу краток, бидејќи за луѓето што доаѓаат од балканските земји, но и од другите земји, кога ќе видиме дека нема причина за добивање на статус на заштита и дека луѓето доаѓаат поради други причини, тогаш ги третираме овие барања пред останатите“, вели Дирк Ван ден Булк и додава дека оние кои ќе видат дека не можат да добијат азил, сами се враќаат во Македонија. Притоа тој нагласува дека бројот на македонски баратели на азил во моментов се намалува во споредба со почетокот на годината.
За скратени постапки во Германија пред една година за Дојче веле информираше и грофицата Урсула Прашма, раководител на одделот за барања азил. Според германската Сојузна служба за миграција и бегалци, барањата од македонските граѓани се разгледуваат за неколку дена.
Суспензијата е само закана?
Сепак, барањата за азил и во земјите како Луксембург и Холандија продолжуваат. Затоа, дел од европските функционери заговараат суспензија на визната либерализација во одредени случаи. Гералд Кнаус вели дека за суспензија треба да се зборува ако, на пример, Македонија не имплементира реформи или не спроведува договори за реадмисија, но дека не може да се суспендира визната либерализација и да ставаат луѓето на црни листи затоа што граѓаните легално бараат азил.
„Мислам дека во моментов тоа е само закана. Не мислам дека е толку сериозно, бидејќи има голем отпор меѓу останатите земји членки и има исто така голем отпор и во Европскиот парламент, а парламентот треба да се согласи на крајот за такво нешто. Но, Македонија има многу пријатели во Европскиот парламент и затоа не мислам дека тоа е толку сериозно. Но, е многу важно оваа азилантска криза да се реши, а клучот за решавање лежи во земјите членки“, заклучува Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност.
Автор: Александар Методијев
Редактор: Симе Недевски