1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барак Обама е носител на Нобеловата награда за мир

9 октомври 2009

Американскиот претседател Барак Обама е годинашниот носител на Нобеловата награда за мир, најзначајното меѓународно признание за особени заслуги за мирот. Носителот го избира норвешкиот Нобелов комитет.

https://p.dw.com/p/K2iK
Барак ОбамаФотографија: AP

Американскиот претседател Барак Обама е добитник на годинешната Нобелова награда за мир, соопшти Норвешката академија од Осло која ја доделува наградата. Престижното признание за американскиот претседател претставува големо изненадување, имајќи предвид дека тој помалку од една година е на функцијата во Белата Куќа.

Во образложението, кое го претстави претседателот на комитетот, Торбјорн Јагланд, се потенцираат „огромните напори на Обама да ја зајакне меѓународната дипломатија и соработката меѓу луѓето“. Комитетот и‘ придал особено значење на визијата на Обама и неговите напори за свет без нуклеарно оружје, при што се заклучува дека тој креирал нова клима во меѓународната политика.

Barack Obama gewinnt den Friedensnobelpreis
Наградата ја доби за „огромните напори да ја зајакне меѓународната дипломатија и соработката меѓу луѓето“Фотографија: AP

„Ретко досега една личност од калиброт на Обама успеала да го насочи светското внимание и да му даде надеж на својот народ за подобра иднина“, се вели во образложението.

Наградата, вредна околу еден милион евра, на американскиот претседател ќе му биде врачена на 10 декември во Осло. Годинава Нобеловиот комитет прими рекордни, 205 номинации за наградата за мир, од вкупно 33 организации. Минатата година, со ова престижно признание се закити поранешниот фински претседател Марти Ахтисари.

Наградата за мир е петтата од годинешните Нобелови признанија, чии лауреати веќе беа избрани во текот на неделава.

Како се одлучува?

Петте члена на Нобеловиот комитет имаат мандат од шест години и ги именува норвешкиот парламент. Комитетот, секоја година, добива помеѓу 150 и 200 кандидатури. Предлозите можат да ги доставуваат поранешни носители на наградата, или членови на Нобеловиот комитет, членови на влада, како и Меѓународниот суд во Ден Хаг, но и универзитетски професори, раководители на мировни институти, или институти за меѓународни односи. Нобеловиот комитет врши предизбор од околу 20 кандидати. Потоа, на експерти од различни области им дава налог, во рок од неколку месеци да подготват извештај за секој кандидат. Експертите не смеат да ги препорачуваат, или оценуваат кандидатите.

Nobelpreis Medaille
Медалот на Нобеловата награда

Комитетот прави обид со помош на извештаите да постигне едногласна одлука. Одлуката мора да биде донесена најдоцна до средината на септември. На почетокот на ноември се објавува името на носителот. Нобеловиот комитет ја врачува наградата за мир, дотирана со 1,1 милион евра, на десетти декември, во Осло. Тоа е денот на кој починал шведскиот индустријалец Алфред Нобел, која ја востанови наградата што го носи неговото име.

Добитници со различен профил - од мировници до хуманитарци и борци за заштита на животната средина

Нобеловата награда за мир за првпат беше доделена во 1901 година. Во првите години од нејзиното воведување главно им беше доделувана на претставници на мировните организации. Со текот на времето, Нобеловиот комитет признание им оддаде и на хуманитарниот ангажман како и на настојувањата за одржување мир преку дипломатија. Во времето на Студената војна, во фокусот се најдоа лица, или организации кои се залагаа за разоружување, мировни преговори, или се ангажираа за демократија и човекови права. Од 2004 година, Нобеловата награда за мир се доделува и за ангажман против промените на климата и заштита на животната средина.

Наградата е единствената што се врачува во норвешкиот град Осло; сите други Нобелови награди ги доделува кралот на Шведска во Стокхолм.

Автор: Кристоф Рикинг/БГ/АТ/афп

Редактор: Елизабета Милошевска