1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун бара крај на насилството во Египет

АТ/ дпа/ртр/ афп15 јануари 2014

Референдумот за новиот египетски Устав е засенет од немири во кои единаесет лица го загубија животот. Генералниот секретар на ОН апелира на мир, барање што се чини се игнорира во Египет.

https://p.dw.com/p/1AqfC
Фотографија: Reuters

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун порача дека го следи гласањето за новиот Устав во Египет. Сите Египќани би требало да смеат да го изнесат своето мислење, без сила и во земјата треба да се гарантира дека претстојната преодна фаза ќе биде транспарентна и ќе протечне мирно, апелира првиот дипломат на светската организација. Меѓутоа неговото барање дека мора да се почитува слободата на мислење и собирање, се чини дека не е слушнато.

Имено исламистичкото Муслиманско братство, од чии редови е соборениот претседател Мохамед Мурси, во многу градови се судири со полицијата. Најголемите немири беа регистрирани во градот Сохаг, јужно од Каиро. Таму погинаа четворица демонстранти и тројца полицајци. Во градот Гиза животот го загубија четворица демонстранти.

Референдумот за новиот Устав претставува огромен безбедносен потфат. Според официјални податоци околу 30.000 избирачки места ги обезбедуваат 250.000 војници и полицајци.

Во рок од три години Египќаните по третпат се повикани да се изјаснат за нов Устав. Право на глас имаат 53 милиони граѓани. Набљудувачите оценуваат дека тој на граѓаните им овозможува поголеми права. Меѓутоа критичарите укажуваат дека со новиот Устав уште повеќе се зацврстува позицијата на и онака моќната египетска армија.

Рферендумот завршува денеска (15.01). Резултати се очекуваат 72 часа по затворањето на избирачките места.