1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун бара договор за трговијата со оружје

АТ/ дапд/ дпа27 јули 2012

Во Њујорк се одржува конференција, на која за првпат треба да се изработат меѓународни обврзувачки правила за трговија со оружје. Генералниот секретар на ОН опоменува брзо да се донесат одлуки.

https://p.dw.com/p/15fBZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред крајот на конференцијата за контрола на оружје, која се одржува во Њујорк, генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги повика учесниците да постигнат согласност околу договорот за трговија со оружје. Договорот мора да биде „силен и правно обврзувачки“. За жал на конференцијата досега е постигнат само „минимален напредок“, признава Бан.

На конференцијата на ОН, која завршува денеска, земјите членки на ОН преговараат за меѓународен договор, кој треба да ја регулира и ограничи трговијата со оружје. ОН уште во 2006. година принципиелно се изјаснија за потребата од таков договор. Но за да стапи во сила, мора да го поддржат сите членки на ОН. Тоа ги отежнува преговорите. 

Лобито за оружје се противи

Меѓународната трговија со оружје според проценките на експертите има волумен од 60 милијарди долари (49,4 милијарди евра). Притоа не станува збор за големи оружја како тенкови и подморници. Невладините организации се жалат од „неконтролирана поплава од оружје“ во многу земји. Во 60 проценти од сите повреди на човековите права во игра е ситно оружје како пиштоли и пушки, вели експертот за вооружување од Амнести интернешнл, Катарина Шпис. „Тие се оружјето за масовно уништување на 21. век“.

Организациите како Оксфам или Амнести интернешнл вината дека преговорите не напредуваат и‘ ја префрлуваат на владата на САД. Имено, Вашингтон, од обзир кон лобито за оружје во земјата, се противи да се регулира извозот и увозот на муниција. Пред Барак Обама да стане претседател, американската влада комплетно одби договор.

Одговорниот за човекови права при германската влада Маркус Ленингм, исто така го критикуваше предлог договорот како „премногу мек“. Министерот за надворешни работи Гидо Вестервеле оценил дека предлогот не оди доволно далеку.