1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан бара воздржаност по израелските напади врз Сирија

Б. Георгиевски/ап/афп6 мај 2013

Израелските напади врз цели во Сирија викендов (04/05.05) ја зголемија опасноста од проширување на сирискиот конфликт врз поширокиот регион. Засега нема реакција од Дамаск.

https://p.dw.com/p/18SiQ
Фотографија: Reuters

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун апелираше на воздржаност по израелските воздушни напади во Сирија за да се избегне ескалација на судирите. Израел викендов нападна воени објекти на периферијата на Дамаск, со образложение дека оттаму било лиферувано оружје за милитантната група Хезболах во Либан.

Сириската влада соопшти дека израелските напади врз сириска територија се „флагрантно кршење на меѓународното право“, предупредувајќи дека тие ширум отвораат врата за „сите можности“. Израелските напади ги подгреаја стравувањата од проширување на конфликтот во Сирија на поширокиот регион.

„Генералниот секретар ги повика сите страни да покажат максимум воздржаност и смиреност, и да дејствуваат одговорно за да се спречи ескалација на конфликтот кој е веќе многу опасен и разорен“, изјави Мартин Несирки, портпарол на Бан.

Бан разговарал телефонски и со шефот на Арапската лига Набил Ал Араби, откако 22-те земји-членки на блокот побараа Советот за безбедност на ОН да ги сопре израелските напади.

Египет ги осуди нападите како „нарушување на меѓународното право“, Велика Британија предупреди од зголемување на опасноста на Блискиот исток, додека најголемиот сојузник на сирискиот режим, Иран соопшти дека нападот само ќе го „скрати постоењето на еврејската држава“.

Unterzeichnung Friedensabkommen im Kongo
Бан Ки МунФотографија: Reuters

Во писмо упатено до Советот за безбедност, Сирија информираше дека биле нападнати три различни воени цели на армијата. Според дипломатски извори, израелските воени авиони нападнале сириски воен објект, магацин со оружје и анти-воздушна единица западно од Дамаск.

Остварени закани

Израел во неколку наврати досега се закануваше дека ќе интервенира во граѓанската војна во Сирија за да го сопре трансферот на оружје за милитантите на Хезболах. Првиот напад на израелските воздушни сили врз цели во Сирија се случи во јануари годинава и тогаш наводно бил уништен голем конвој со оружје наменет за Хезболах. Израел официјално не го коментираше последниот напад, но висок извор во владата во Тел Авив тврди оти овојпат биле пресретнати воздушни ракети од типот „Фатех 110“ од иранско производство со кои би можел да биде нападнат Тел Авив и други градови во внатрешноста на државата.

Damaskus Angriff Israel Beschuss Syrien
Снимка на сириската телевизија од нападот врз воен објектФотографија: Reuters

Иако во првичните реакции, сириските претставници најавија дека ќе возвратат на израелскиот напад, во меѓувреме тензиите како да се смируваат. Израелски безбедносни експерти веруваат дека режимот на Асад не може да си дозволи да отвори уште еден фронт покрај постојниот судир против бунтовниците.

За секој случај, зајакната е израелската противвоздушна одбрана во северниот дел на земјата каде се поставени дополнителни единици, а воведена е и забрана за цивилни летови.

Официјален Вашингтон засега е претпазлив во коментарите за последните израелски напади. Белата куќа единствено соопшти дека претседателот Барак Обама верува оти Израел има право да се брани од перцепираната опасност од Хезболах.