1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкански Бенелукс би го проширил пазарот

СН/миа/макфакс2 јули 2012

Идејата за формирање балкански сојуз по примерот на земјите од Бенелукс била една од темите на денешната средба меѓу македонскиот министер за економија Ваљон Сараќини и албанскиот премиер Сали Бериша во Тирана.

https://p.dw.com/p/15PzA
Фотографија: AP Graphics

Сараќини и Бериша констатирале дека на овој начин би дошло до обединување на пазарот на Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора и негово проширување на осум милиони жители, транспортните трошоци би се намалиле, а и би се искористиле пристаништата во Драч и Бар како алтернативи за Солунското пристаниште.

„Македонија и Албанија имаат одлични политички односи, но мора да ја интензивираат економската соработка. Голем е потенцијалот за зголемување на трговската размена која во првите четири месеци од годинава достигна само 25 милиони долари“, изјави Сараќини по средбата.

Според него, стремежот е трговската соработка да се зголеми, особено со земјите кои се директни соседи на Македонија, поради близината, намалувањето на транспортните трошоци, негувањето на добрососедските односи, препознатливоста на стоките, усогласување со европските прописи и друго.

„Ваков концепт на соработка имаат скандинавските земји, на пример, како и земјите на Бенелукс, токму во делот на слободен проток на услуги, човечки ресурси и капитал. Според мене, регионалното поврзување без политички предзнак, туку како повисока форма на економска соработка, е позитивно и е во функција на забрзување на евроинтегрирањето“, рече Сараќини.