1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу поранешните и идните трауми

Зорица Илиќ/ Симе Недевски27 ноември 2013

Во Берлин на почетокот на годината е основана мрежата „Траума, доверба и сеќавање“. Во мрежата членови се психолози, психијатри и студенти од овие области од Германија, БиХ, Србија и Бугарија со цел да разменат искуства.

https://p.dw.com/p/1AP4A
Фотографија: DW

„За нас тоа беше особено важно искуство, затоа што почувствувавме колку само слушањето за тие случувања е неподносливо, колку дури и кога само замислувате како би можело да биде, е неподносливо.“ На овој начин Александар Димитријевиќ, професор по психологија на Филозофскиот факултет во Белград ја опишува посетата на Сребреница, каде престојувал со неколку свои студенти и други членови од мрежата „Траума, доверба и сеќавање“. Оваа академска мрежа има за цел размена на искуства на научници кои се занимаваат со социјална траума, без разлика дали станува збор за воена траума или за последици од диктатура.

На чело на мрежата се наоѓа Универзитетот за психоанализа од Берлин, а целиот проект се одвива со поддршка на германската мрежа за академска размена ДААД и Пактот за стабилност на Југоисточна Европа. Мрежата, која е основана пред една година, во моментов е активна во БиХ, Србија и во Бугарија, а посетата на Сребреница е токму една од активностите организирани во рамките на работа на мрежата со кои и на тој начин би се придонесло кон започнување дијалог на академско ниво за случувањата во блиското минато. Затоа тоа, како што вели Димитријевиќ, било неверојатно искуство.

Да се запре „заговорот на молчење“

Професорот Димитријевиќ вели дека по посетата на Сребреница му станало јасно зошто многу луѓе во Србија немаат сила за тоа да зборуваат, односно зошто некои делови од општеството немаат сила да се соочат со она што се случило: „Во Србија, според моите впечатоци, нема сила за соочување со многу работи од нашата понова историја. Она што мене повеќе ме мачи, како психолог, е начинот на кој би можеле да собереме сила, за да можеме да станеме некако психолошки посилни, за она што ни е во овој момент неподносливо, да воведеме дијалог и некако да се обидеме да го надминеме.“
Потребен е токму дијалог, вели невропсихијатарот Амра Делиќ, една од босанскохерцеговските членки на мрежата „Траума, доверба и сеќавање“. Таа инсистира на тоа дека, со цел конструктивно соочување со минатото на индивидуално и колективно ниво, без оглед колку е тоа болно, е неопходно да се отворат раните и потребно е соочување со сѐ што се случило за во иднина да се избегне реактивирање на социолошки и психолошки нерешените конфликти. Предуслов за тоа е за се запре со т.н. „заговор на молчење“.

Netzwerk Trauma Trust and Memory IPU Berlin
Некои од членовите на мрежата „Траума, доверба и сеќавање“Фотографија: TTM

„Кога психијатрите и психолозите зборуваат за запирање на 'заговорот на молчење', тоа се однесува на значењето на говорот на оние чиј глас сѐ уште не може да се слушне, односно, на оние кои сѐ уште не смеат да зборуваат“, вели Делиќ и напоменува дека моментално простор добиваат главно оние кои зборуваат во политички цели, со цел задржување на конфликтната состојба со фабрикување на меѓунационални тензии и поделба при што главно се фокусираат на приказната за тоа што „другите ни сторија нам“, односно, на мојата етничка група, а не спротивно. „Заборавање на минатото и 'заговорот на молчење', наведуваат дека тој регион никогаш немал потенцијал конструктивно да ги реши своите трауматски искуства, ниту адекватно да се соочи со сопственото заедничко трагично минато, одбележано со масовни жртви и страдања на населението“, вели Делиќ.

И минатото и иднината во знак на траума

Имено, само на тој начин е можно, се согласуваат психолозите, да се третира и т.н. трансгенерациска траума што Делиќ ја објаснува на следниот начин: „Пренесувањето на чувствата поврзани со трауматски настани од генерација на генерација се одвива на несвесно ниво. Психоаналитичарот Клајн наведува оти е познато дека народите кои не научиле ништо од историјата, остануваат нејзини заробеници и мораат да ја повторуваат.“ А Балканот, вели професор Димитријевиќ, во психолошки смисол е проблематичен со децении и векови на назад. Но и напред, бидејќи стручњаците стравуваат оти Балканот, по последните воени настани, се соочува со нов синџир на пренос на трансгенерациската траума.

За да се прекине тој ланец на индивидуално и колективно ниво, членовите на мрежата „Траума, доверба и сеќавање“ сметаат дека психоанализата може да биде од голема помош бидејќи „психоаналитичката работа значи некому да му се отвори простор во кој лицето само доаѓа до објаснување“.