1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот во канџите на снегот и студот

12 февруари 2012

Снегот и студот што го зафатија Балканот отсекоа голем број села во планинските региони и предизвикаа проблеми во сообраќајот и во снадувањето со електрична енергија и основни намирници.

https://p.dw.com/p/142EF
Фотографија: AP

Обилните снежни врнежи во поширокиот гостиварски регион во Македонија ја влошија состојбата со сообраќајот, а во одредени села нема снабдување со храна и лекови. Од утрово на патот Маврови Анови - Дебар регистрирани се неколку лавини, а една поголема кај Бигорскиот манастир повтoрно го блокирaла коловозот. Сообраќајот за сите видови возила на овој патен правец е забранет. Речиси сите планински села се отсечени и до нив не може да се стигне. Македонскиот центар за управување со кризи во текот на денов треба да изврши дотур на основните намирници по воздушен пат во оние отсечени места, кои се наоѓаат на најниска надморска височина, односно во селата во општина Кавадарци.

Снежното невреме во Србија досега однесе 20 животи, а околу 50.000 лица се блокирани во своите домови во реони од земјата кои се целосно отсечени од светот.

Serbien Belgrad Schnee
Граѓаните на Белград го расчистуваат снеготФотографија: picture-alliance/dpa

Целосно е блокиран сообраќајот од Србија кон северниот дел на Црна Гора. На патните правци во планинските делови на Србија има забрана за движење на товарни возила.

Најмалку десет лица загинаа, а пет други се водат како исчезнати, кога лавина се одрони синоќа врз најмалку 13 куќи воселото Рестелица во реонот на Драгаш, во јужниот дел на Косово. Лавината создала нанос висок 10 метри, при што целосно се уништени седум куќи, а шест други се оштетни. Спасувачките екипи доцна синоќа од под снегот извлекле девојче на возраст меѓу пет и седум години, кое веднаш е пренесено во болница со симптоми на хипертермија.

Kältewelle Europa Skopje Mazedonien
Жителите на Скопје се борат со снегот и студотФотографија: picture-alliance/dpa

Во Бугарија собраќајот е во прекин или се одвива во отежнати услови на поголемиот број патни правици, а бугарските медиуми јавуваат за неколку нови жртви од студoт во последниве 24 часа. Првпат по 25 години дел од Дунав во Бугарија е целосно замрзнат.

Во Црна Гора од вчера е прогласена вонредна состојба на целата територија на земјата, откако во некои региони снежната покривка достигна над еден метар. Според црногорските метеоролози, снежните врнежи ќе продолжат до вторник.

Во централните делови на Романија десетици илјади лица се завеани во своите домови од обилниот снег, кој без прекин паѓа веќе цела недела, проследен со рекордно ниски температури. Над 50 села се отсечени во светот, над 40 населени места се без струја, а сообраќајот е во целосен прекин на 79 магистрални и локални патишта низ цела Романија. Само во последниве два дена од студот во Романија починаа осум лица, со што вкупниот број на жртвите од почетокот на зимата достигна 68.

Kältewelle in Europa Bildergalerie Rumänien
Во Романија отсечени села и блокирани патиштаФотографија: AP

Автор: АТ/ миа

Редактор: Александар Методијев