1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баер Леверкузен е нов лидер во Бундеслигата

10 ноември 2008

Херта Берлин ја прекина серијата на Хофехнајм кој веќе не е лидер на табелата. Баерн Минхен со триумфот во дербито против Шалке атакува на врвот.

https://p.dw.com/p/FqiP
Патрик Хелмес сезонава е најдобар напаѓач во ЛеверкузенФотографија: AP

Првенството во фудбалската Бундеслига конечно може да се каже дека влегува во интересна фаза. По 12. одиграни кола, битката за врвот на табелата станува се` поинтересна. Довчерашниот лидер, новајлијата во елитата, тимот на Хофенхајм, конечно е симнат од врвот кој сега го презеде Баер Леверкузен.

Серијата од пет едноподруго победи на фудбалското чудо од селото Хофенхајм во Германија ја прекина Херта од Берлин која на домашен терен освои минимална, но значајна победа од 1:0. Тренерот Ралф Рањик по поразот во Берлин е свесен дека неговите избраници не го пружиле максимумот и морале да одиграат поконсеквентно и попрецизно.

Хофенхајм со 25 бодови сега е на делба на првата позиција со Баер Леверкузен, кој има подобра гол разлика. Популарните фармацевти од Леверкузен во саботата пропуштија одлична можност да слават на гостувањето во Карлсруе. Баер, по половина од првото полувреме имаше сигурно и убедливо водство од 3:0, но на крајот мораше да се задоволи само со нерешен резултат. Карлсруе на извонреден начин се врати и малку фалеше да го собере целиот плен. Тренерот на гостите Бруно Лабадиа се разбира дека беше разочаран.

Баерн Минхен влегува во шампионска форма

Но затоа се враќа Баерн Минхен, кој во дербито на 12-то коло го совлада Шалке 04 со 2:1. Баварците, кои шест едноподруго натпревари против Шалке не знаат за пораз, направија голем чекор во трката за освојување на есенската титула. Актуелниот шампион сега е на третата позиција на табелата со само бод помалку од Хофенхајм и Баер Леверкузен. Тренерот Јирген Клинсман смета дека победата против Шалке е вредна како злато.

Trainer Jürgen Klinsmann Bundesliga
Јирген КлинсманФотографија: picture-alliance/ dpa

Тој потсети дека уште кога тимот се најде на десетата или единаесетата позиција по трите несреќни натпревари против Вердер Бремен, Хановер и Бохум, кажал дека тимот сака да стане есенски шампиони. Клинсман е задоволен што работата дава резултати и тимот е се` поблиску до врвот, посебно по победата против еден од директните конкуренти

На четвртата позиција на табелата со бод помалку од Баерн е тимот на Хамбургер кој дома ја совлада Борусија Дортмунд со 2:1. Сепак тренерот на домаќините Мартин Јол смета оти не може да се каже дека Хамбургер заслужено ги освоил трите бода. Тој е свесен дека неговиот тим во второто полувреме имал среќа и се радува на освоените бодови, иако признава дека Борусија бил подобар тим.

Важни бодови освои и Волфсбург кој убедливо со 3:0 го совлада Енерги Котбус. Популарните волци со победата се вратија повторно на седмата позиција и заостануваат само бод пред шестопласираниот Шалке 04. Тренерот Феликс Магат по натпреварот изјави дека е многу задоволен од победата за која смета дека е заслужена.

Келн е во одлична форма

Важна победа за приклучок кон местата кои водат кон евро настапите обезбеди и тимот на Келн. Тимот на Кристоф Даум со победата против Хановер од 2:1 се проби на осмата позиција на табелата. Ова е пета победа за Келн во последните седум натпревари, што уште повеќе ги израдува симпатизерите на овој клуб.

Bremen gegen Karslruhe Thomas Schaaf
Томас ШаафФотографија: AP

Девета е Борусија Дортмунд. Десети е Вердер Бремен, кој се чини дека сеуште е во шок по непријатниот и убедлив пораз од 3:0 во лигата на шампионите во дуелот против грчки Панатинаикос. По нерешените 0:0 во дуелот против Бохум, тимот на Томас Шааф сега падна на десетата позиција.

Интересен беше и третиот неделен натпревар во Франкфурт каде домаќинот Ајнтрахт ремизираше против Штутгарт со 2:2. Домаќините можат да жалат за пропуштената победа. Имаа сигурно водство од 2:0, кое набрзина го прокоцкаа. Тренерот на Ајнтрахт Фридхелм Функел е разочаран, но сепак реалчен во оценката за прикажаното на теренот:

„Севкупно погледнато нерешениот резултат е сосема во ред. Освоениот бод по неколку натпревари против Штутгарт е секако добар за нас„ изјави Функел. Неговиот тим со 13 освоени бодови сега е на 12-та позиција на табелата. Едно место погоре е Штутгарт со 17 бодови.

Хановер по поразот во Келн падна на 13-та позиција. Веднаш зад него е Борусија Менхенгладбах која освои сигурна и многу значајна победа против Арминија Билефелд од 2:0. Покрај тимот од Билефелд на дното од табелата во зоната на испаѓање се наоѓа и Бохум и последно пласираниот Енерги Котбус.