Баерн практично германски шампион
28 април 2008Со вчерашната победа против Штутгарт од 4 спрема 1, Баерн од Минхен е на само бод до новата, 21 титула фудбалски шамион на Германија. Со головите на Тони, Марк ван Бомел и два на Рибари, Баерн ги остварува прогнозите дека на сите други ќе им треба двоглед за да ја здогледаат разликата меѓу нив и милионерската екипа. Сега изнесува цели 12 бода до второпласираниот Вердер. По натпреварот, тренерот Отмар Хицфелд имаше само зборови на пофалба:
„Веќе не може многу да се случи иако се уште не е крај. Имаме уште 4 натпревари и се разбира сакаме да ги добиеме„.
Менаџерот на Баерн Ули Хенес:
„Ние сме веќе германски првак и ќе бидеме - со голема предност„.
Тренерот на Штутгарт, се уште актуелниот првак, Армин Фе веќе му честиташе на Баерн за титулата:
„Најнапред сакам да му честитам на Баерн за првото место. Ќе биде претерано ако кажам дека тоа не е сигурно. Кога некој има предност од 12 бода и таква гол-разлика, тогаш може само да се честита„.
Во вториот вчерашен натпревар Баер од Леверкузен дома загуби бод од Волсфбург. Резултатот 2 спрема 2.
Во саботата Шалке триумфираше на гости во Хамбург со 1 спрема 0, и само поради послабата гол-разлика е трет зад Вердер. Преодниот тренерски тандем Јури Мулдер и Мике Бискенс како да ја препородија екипата по неуспехот во Лигата на шампионите против Барселона. Бискенс скромно изјави:
„Станува збор за тоа Шалке да се најде на она место каде што радо сака да биде,а тоа значи меѓународен настап. Кој има поголем удел во тоа воопшто не е важно„.
За Хамбургер Лигата на шампионите е веќе минато. Има шест бода помалку од третиот Шалке. Тренерот Стевенс:
„На ниту еден фудбалер не можам ништо да му забележам. Неколку грешки и - не победивме„.
Стевенс задоволен од играта, но не и од резултатот. Слично и тренерот на Вердер Томас Шаф. Против Карлсруе 3 спрема 3:
„Денеска видовме одличен натпревар во кој имаше се, но за нас со незадоволителен резултат„.
Во битката за опстанок, Котбус со нов подвиг. Остана со 10 играчи, губеше со 1 спрема 0, а сепак на крајот го победи директниот конкурент Росток со 2 спрема 1. Многумина не знаеја ништо за Словенецот Бојан Прашникар, кој сега е топ-личност:
„Во второто полувреме покажавме што можеме. Направивме голем исчекор во зачувувањето на прволигашкиот статус, но има уште 4 кола„.
Арминија која исто така страхува за опстанокот, кај директниот конкурент Нирнберг исчепка бод играјќи 2 спрема 2, иако домаќинот водеше со 2 спрема 0. Дуисбург кој води очајничка битка да опстане во Бохум играше нерешно 1 спрема 1. Во просторот „ничија земја„ Франкфурт и Борусија играа 1 спрема 1, а Хановер и Берлин 2 спрема 2.