1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн повторно е на чело на фудбалската Бундеслига

24 октомври 2005

Петти последовен пораз на Келн. Започна новата сезона во светскиот куп во скијање. Спортски викенд богат со настани

https://p.dw.com/p/AekA
Акција на Зе Роберто (Баерн)
Акција на Зе Роберто (Баерн)Фотографија: dpa

Резултатски убедливата победа против Дуизбург со 4 спрема нула, на уште еднаш до крај исполнетиот нов стадион во Минхен,повторно го доведе Баерн на чело на прволигашката табела. „Со ваква самодоверба се’ едно ни е дали играме дома или на гости“ – вели тренерот Феликс Магат и нагласува: „Вообичаено е така, што екипи како Баерн, кои во текот на неделата ќе прикажат прекрасно остварување во Лигата на шампионите, потоа на викендот имаат проблеми со наводно послаби противници во Бундеслигата. Тоа ние едноставно го решивме на професионален начин. Тимот и денеска прикажа одлична претстава“.

Баерн има 25 бодови, Вердер, кој на гостувањето во Хановер одигра само нерешено 0 спрема 0, е на второто место 23 бодови. „Ние во краен биланс посакувавме повеќе, тоа е јасно. Но, кога ќе се види текот на натпреварот, дека играчите на Хановер беа добро поставени и не спречија да оствариме гол-шанси, мораме да бидеме задоволни и со бод“ – оцени репрезентативецот Патрик Овомојела.

Хамбургер, по нерешениот резултат 1 спрема 1 против Борусија во Дортмунд, е на третото место со 21 бод, пред Шалке и Борусија Менхенгладбах кои имаат по 18. Во Волфсбург Шалке одигра нерешено 0 спрема 0 и останува единствената непоразена екипа во лигата. Борусија Менхенгладбах го прегази Кајзерслаутерн со 4 спрема 1, игра како препородена, а втора младост доживува Оливер Невил, поранешен член на Баер Леверкузен.

Херта, која го совлада Мајнц со 3 спрема 1, е на 6-то место со 17 бодови, пред Волфсбург со бод помалку. Тука завршува „високото прволигашко друштво“.

Со заостаток од 4 бодови, од 8-то до 11-тото место, се Борусија Дортмунд, Штутгарт, Баер Леверкузен и Арминија Билефелд, сите со по 12 бодови. Баер Леверкузен и Штутгарт одиграа нерешено 1 спрема 1, додека Арминија забележа победа на гостувањето во Нирнберг со 3 спрема 2, иако на две минути пред крајот домаќинот водеше со 2 спрема 1. „Во вакви моменти ја мразиш професијата, ти се урива светот“ – рече тренерот Волфганг Волф по драматичната завршница во која гостите успеаја да постигнат два гола. Волф засега се’ уште ја има поддршката од раководството на клубот, но прашање е до кога.

Таква е ситуацијата и со Михаел Хенке, тренер на Кајзерслаутерн. Таму клубот го исклучи искусниот играч Чиријако Сфорца, поради обидот да издејствува смена на тренерот.

Играчите на Келн ветуваа дека на гостувањето во Франкфурт ќе дадат се’ од себе, а се вратија прегазени со 6 спрема 3. Решението падна веќе во првото полувреме кога домаќинот оствари предност од 4 спрема 1. „Она што се одигруваше во првото полувреме е катастрофа. Се случи токму тоа, што сакавме да го спречиме. Во организацијата на одбраната правевме грешка по грешка, имаше и индивидуални киксови. На еден толку важен натрпревар не смее да се претставиш во таква форма“ – вели тренерот Уве Раполдер. „Необјасниво, нема извинување. Немам поим што се случува“ – беспомошен е Бјерн Шлике. Тој категорично исклучува дека некој од неговите соиграчи го саботира тренерот. И Раполдер доби изрична поддршка од претседателот на клубот, келнската фудбалска легенда Волфганг Оверат – смена на тренерот не доаѓа пред вид. И овде може само да се додаде прашањето: до кога?

По 10-тото коло Нирнберг е последен со 6 бодови, колку што има и Дуизбург на претпоследното место. Мајнц има седум бодови, Кајзерслаутерн осум, Келн 9, Ајнтрахт Франкфурт 10, Хановер 11 – така изгледа дното на табелата.

Започна сезоната на светските купови во скијање

32-годишниот Австриец Херман Маер не ја скриваше големата радост по победата во велеслалом за Светскиот скијачки куп во австрискиот зимски центар Зелден. Зад себе ги остави Американецот Боди Милер, минатогодишен севкупен победник во Светскиот куп, и својот сонародник Рајнер Шенфелдер.

Кај жените во истата дисциплина и на истата патека триумфира Словенката Тина Мазе, пред Јаница Косталиќ од Хрватска и Ања Персон од Шведска. Германката Моника Ертл-Ренц го освои осмото место, но сепак е задоволна, оти со тоа обезбеди настап на претстојната зимска олимпијада: „Во обете трки загубив во горниот дел на патеката. Но, дури и Тања Путиаинен, за која знам дека е апсолутно во најдобра форма, таму загуби многу време. Сепак, барем имам олимписка квалификација“.

Во Диселдорф, на само 38 метри надморска височина, по четврти пат се одржа трка од Светскиот куп во скијачко трчање, со која годинава беше отворена сезоната. 180 камиони со снег беа потребни за да се аранжира патеката на шеталиштето крај реката Рајна. „Овде многу поубаво отколку на многу друти натпреварувања“ – вели за амбиентот германската репрезентативка Клаудија Кинцел. 55 илјади гледачи ги следеа натпреварувањата. За жал, ниеден германски претставник не стигна до место на подиумот, но сојузниот тренер Јохен Беле е задоволен од формата пред се’ на Еви Захенбахер: „Направен е скок напред. Кај Еви мислам дека и денеска можеше да се види оти има поголем потенцијал отколку минатата година и ние сме на вистински пат“.

Инаку, во спринтот кај мажите победи Швеѓанецот Ларсон, а кај жените Норвежанката Бјерген.

Успех на Тимо Бол и награда од 44 илјади долари

Германскиот пингпонгар Тимо Бол по втор пат во кариерата победи на турнир од Светскиот куп во пинг-понг. Во финалето во Лиеж второпласираниот од светската ранг-листа беше подобар од олимпискиот вицешампион Ванг Хао од Кина и победи со 4 спрема 3 во сетови. „На тренингот давам се’ од себе, за да можам добро да играм на натпреварувањата. Жртвувам речиси се’ што имам и тоа може да се нарече глад за успеси“ – вели 24-годишниот Тимо Бол. За успехот во Лиеж тој доби премија од 44 илјади долари.

Надал го изедначи рекордот на Федерер

19-годишниот шпански тенисер Рафаел Надал е победник на

тенискиот Мастерс-турнир во Мадрид. Тоа е 11-ти турнир што го освои годинава и така Надал го изедначи рекордот на Швајцарецот Роџер Федерер.

Автомобилизам: Пефет шампион на ДТМ, рекорди на Леб

Гери Пефет е прв Битанец што ја освои титулата во ДТМ - Германското првенство за туристички автомобили. На 24-годишниот возач на Мерцедес му беше доволно и третото место на последната трка во сезоната на патеката во Хокенхајм за да ја обезбеди титулата. 147 илјади гледачи беа сведоци на првата победа во сезоната на Бернд Шнајдер, исто така возач на Мерцедес. Пефет освои бодови во сите трки во првенството, а победи во 5 од 11 трки.

Себастијан Леб го продолжи импозантниот лов на рекорди: иако веќе ја имаше обезбедено титулата светски првак во рели за оваа година,тој победи и на Рели Корзика, што е негова деветта победа во сезоната. Тоа досега не му успеа на ниеден возач откако од 1979-та година е востановено ова светско првенство. Ова беше шеста последовна победа на Леб во трки од светското првенство, што е исто така рекорд.

Зоран Јордановски