1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн на прагот на освојување на титулата

Б. Вист, А. Цимонс / З. Јордановски7 април 2008

На седум кола до крајот на првенството во фудбалската Бундеслига предноста на Баварците изнесува 9 бодови. Двојна победа на Ферари во Бахреин. Европа нема да ја бојкотира олимпијадата во Пекинг.

https://p.dw.com/p/DdMM
Франк Рибери и Лука Тони го слават голот со кој Баерн од пенал поведе со 2 спрема 1Фотографија: AP

Полека како да се остварува пророштвото на менаџерот Ули Хенес од пред почетокот на првенството, дека на другите конкуренти ќе им биде потребен двоглед за да го откријат Баерн високо на врвот на табелата. Но, првенството уште не е решено, ја спушта топката на земја тренерот Отмар Хицфелд: „Нема никаквма смисла сега многу да се сонува, оти Бундеслигата е тврд бизнис и ни за секунда не смееш да се опуштиш“.

Баерн во 27-то коло постигна очекувана победа дома против Бохум и докажа висок спортски морал: прво противникот поведе, а потоа уште кон средината на првото полувреме поради два фаула беше исклучен Марк ван Бомел, но Баерн успеа и со играч помалку да направи целосен пресврт и да победи со 3 спрема 1. „Тоа е толку типичен феномен. Одеднаш имаш човек помалку, одеднаш нема што да загубиш, веќе не си толку екстремно во улога на фаворит, како што е инаку секогаш, и одеднаш ослободени заигравме фудбал така, како што сите ние знаеме. Можеби во иднина повторно би требало да настапиме со играч помалку“ - коментира голманот на Баерн Оливер Кан.


Шалке втор, Вердер ја прекина непријатната серија


Шалке дома во Гелзенкирхен не беше толку убедлив во средбата со Ханза Росток, што ја доби со 1 спрема 0, па сепак тоа му донесе скок на второто место на табелата со 48 бодови. Со бод помалку, зад Шалке се Хамбургер и Вердер. Екипата од Хамбург загуби на гости кај официјалниот првак Штутгарт со 1 спрема 0, иако теренски доминираше и создаде зрели гол-шанси. „За време на 90-те минути направивме грешки, инаку ако немаше грешки ќе моравме да постигнеме некој гол. Од една страна тое е лошо, но од друга, понекогаш порадо би загубил, за да победам во наредната средба и да освојам три бодови, отколку два пати да играм нерешено и да имаме само два бода“ - резонира тренерот на поразениот тим Хуб Стевенс.

Штутгарт, инаку, играше без голгетерот Марио Гомес. Сега е веќе трет најуспешен тим пролетва, се искачи на 5-тото место на табелата со 45 бодови, два помалку од Хамбургер и Вердер, и се вклучи во борбата за место што води во Лигата на шампионите.

Вердер по 4 кола конечно повторно забележа победа - 2 спрема 1 на гости кај Херта во Берлин. „Се виде дека со поразите последните недели загубивме и малку самодоверба. Денеска некои работи се вратија. Мора да се работи на тоа, нема друг пат“ - вообичаено воздржан беше тренерот на Вердер Томас Шаф.


Криза на Баер (Л), рекорд на Барбарез


Баер Леверкузен западна во мала криза - поразот во Дортмунд го симна на шесто место со 44 бодови. „Ова беше многу поразочарувачко, отколку поразите пред тоа, бидејќи долго време, до 87-мата минута, заслужено водевме со 1 спрема 0. Од 20-тата до 80-тата минута целосно ја контролиравме играта“ - не може да го прежали поразот тренерот на екипата од Леверкузен Михаел Скибе. „Ова се всушност најубави победи, кога на крајот ќе успееш да го свртиш натпреварот. Ние цело време бевме добри, постојано притискавме, иамвме повеќе добри шанси и на крајот конечно бевме и наградени“ - опишува Флоријан Кринге, играч на победничкиот тим Борусија.

Играчот на Баер (Л) Сергеј Барбарез од Босна и Херцеговина на оваа средба постави рекорд според бројот на настапи во Будеслигата меѓу играчите дојдени од странство: со 323 средби тој го надмина Данецот Оле Бјернмесен, кој помеѓу 1966-та и 77-ма играше за Хамбургер и Вердер. 36-годишниот Барбарез во изминатите 12 години го носеше дресот на Ханза, Борусија Дортмунд, Хамбургер и сега Баер Леверкузен. Постигна вкупно 95 голови.


Пет екипи во неизвесна борба за опстанок


Волфсбург останува најуспешен тим во пролетниот дел од првенството - дома го совлада Хановер со 3 спрема 2 и со 43 бодови е на седмото место. Ајнтрахт на свој терен во Франкфурт прво доживеа шок од огнометот од противничките навивачи, при што светлечки ракети беа фрлени и на теренот. Поради тоа судијата за 20 минути го прекина натпреварот во првото полувреме. Но, потоа уследи другиот шок за Ајнтрахт - поразот со 3 спрема 1. Ајнтрахт е 8-ми на табелата со бод помалку од Волфсбург и 4 повеќе од Карлсруер, кој беше поразен од Арминија во Билефелд со 1 спрема 0. Ова беше прва победа во 10-от натпревар откако Михаел Фронцек го презеде тренерското кормило на Арминија. „Мислам дека екипата во второто полувреме одигра многу добар натпревар, што и си го заслужи врз основа на последните недели, оти постојано бевме тука блиску, никогаш не ја пикнавме главата в песок. Екипата денеска ја заслужи победата“ - рече Фронцек.

Арминија сега е 15-та со 25 бодови. Пред неа е Енерги Котбус со бод повеќе по победата над директниот конкурент во борбата за опстанок Дуизбург, и тоа на негов терен со 1 спрема 0.

На бод зад Арминија, пак, е Ханза на 16-тото место со 24 бодови, Нирнберг е 17-ти со 23, а Дуизбург падна на последното место со 22. Од овие пет екипи три ќе се преселат во Втората лига, оти се чини дека Херта со 32, Бохум со 33, Борусија со 34 и Хановер со 35 бодови се на безбедно растојание.

Наредното коло носи две дерби средби - од врвот Вердер го пречекува Шалке, а на дното Енерги и’ е домаќин на Арминија.


Маса прв во Бахреин, Рајконен води во првенството


Двојна победа на Ферари во автомобилизам формула еден во трката за Големата награда на Бахреин: Фелипе Маса, пред светскиот првак Кими Рајконен, кој пак со ова го презеде водството и во годинашното првенство. Трет беше Полјакот Роберт Кубица, кој овде за прв пат се избори за пол-позиција, но не ја постигна и посакуваната прва победа. Севкупно, заедно со четвртото место на Ник Хајдфелд, ова беше најдобар резултат за БМВ Заубер воопшто во формула еден и вистинска сензација е дека тимот води во конкуренција на конструктори. Ник Хајдфелд, пак, се проби на второ место во генерален пласман. Мекларен Мерцедес имаше лош ден - Луис Хамилтон на крајот беше само 13-ти.


Германија има европска првенка во гимнастика


Натурализираната Германка Оксана Чусовитина освои златен медал во прескок на првенството на Европа во гимнастика, што се одржа во Франција. Последен пат таков успех во женска конкуренција е забележан пред 23 години, кога Макси Гнаук стана првенка на континентов.


Европа нема да ја бојкотира олимпијадата во Пекинг


На крајот и во врска со претстојните олимписки игри во Пекинг: по дискусиите за можен бојкот на олимпијадата, во главниот кинески град продолжува Генералното собрание на националните олимписки комитети. 49-те национални комитети од Европа веќе здружено најавија дека ќе учествуваат на игрите.

►◄