1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бабел - учење јазик преку компјутер

Г.Хофман / Д. Вишевиќ/ Ж. Ацеска18 јуни 2013

Програмата за учење јазици преку компјутер на стартап-фирмата Бабел, основана во 2007 година, ја користат повеќе од 16 милиони корисници. Во Бабел работат со 13 јазици. Проектот е финансиран од ЕУ.

https://p.dw.com/p/18ojB

Малиот Елиот знае дански, a татко му допрва треба да научи со помош на овој јазичен софтвер - Бабел. Сопругата на Ханс Рафауф е од Копенхаген и со синот зборува дански. Рафауф би сакал и самиот да може да се вклучи. За таа цел, за 10 евра месечно, тој ја користи програмата за учење Бабел. Таа го потсетува на вежбањето зборови, му го коригира изговорот.

„Кај Бабел е добро што можам да учам кога јас сакам, а не кога некој друг сака да учам. Оваа е поповолна програма за учење јазик од сите други. Ми се допаѓа што една мала фирма од Берлин со јазиците го освои светот“, истакнува Ханс Рафауф.

Во Бабел работат со 13 јазици - се разбира англиски, шпански и француски, но и индонезиски, турски или дански. Но, за уредниците понекогаш е многу тешко некоја јазична програма прегледно да се конципира, особено кај идиомите, како што вели Барбара Баизи, проект-менаџер за италијански јазик:

„На италијански се вели „авере љ'оки фодерати ди прошуто‘ (avere gli occchi foderati di prosciutto), што значи шунка на очите или како на германски - да имаш домати на очите, односно да не ги забележуваш работите. Тоа сакавме да го прикажеме со фотографија: ми ставија шунка на очите и ме фотографираа, а сликата може да се најде на Бабел во категоријата италијански идиоми во врска со храната“.

За Бабел работат 180 луѓе од 19 нации, во просек секоја недела имало по еден соработник повеќе. Програмата на оваа стартап-фирма, основана во 2007 година, во меѓувреме ја користат повеќе од 16 милиони корисници. За Бабел да продолжи да расте, презеде една фирма во САД.

„Пазарот многу брзо се развива, а битно е кој какви знаења има. Плејсеј, фирмата што ја купивме во Силиконската долина односно во Сан Франциско, веќе пет години работи на полето на мобилно учење јазици и во тој период генерираше знаење. Токму тоа не интересираше - познавање на пазарот и место во него“, објаснува Маркус Вите, раководител и еден од основачите на фирмата.

Во Бабел сакаат да станат водечки на пазарот во САД. Во Германија тие веќе се’. Конкуренти не гледаат во старите издавачки куќи со учебници и компакт-дискови, туку во мали фирми со добри идеи.

„На пазарот има многу конкуренти, инвеститорите се многу љубопитни, пари има и тука сигурно нешто ќе се случува, но засега ние мораме да го пробиваме патот“, вели Вите.

Ханс Рафауф и семејството сакаат извесно време да живеат во Копенхаген. Неговата интернет фирма тој може да ја води и оттаму.

„Не очекувам со Бабел да достигнам високо ниво. Мислам дека е погрешна претставата, оти со јазичен курс може да се достигне перфектно јазично ниво. Битно е јазикот да се научи колку да се разбираш со луѓето, а сето другото се учи кога си веќе таму“, објаснува Ханс Рафауф.

Елиот самиот си порачува сладолед зборувајќи германски. И татко му веќе би можел да го направи тоа на дански во Копенхаген. Но, за да работи таму, Ханс Рафауф мора да научи уште некои лекции.