1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баба за цимерка

Матијас Шефер / Зоран Јордановски 8 јули 2012

Поради високите цени на станарините, многу млади луѓе во Франција не се во можност да изнајмат стан. Најнов тренд е тие да живеат бесплатно кај постари лица на кои им помаѓаат во домаќинството.

https://p.dw.com/p/15Osu
Фотографија: Fotolia/jovannig

Во европските метрополи цените на становите и на станарините растат и се се’ понедостапни за студентите и воопшто за младите луѓе. Во Франција, на пример, има недостиг од околу 900 илјади станови. Од друга страна, пак, во Париз повеќе од една третина од жителите на возраст од 60 до 74 години живеат сами, а кај уште постарите секој втор е сам. Вин-вин ситуација е идејата за поврзување на тие две работи: студенти добиваат бесплатно живеалиште, а за возврат се обврзуваат да се грижат за старите и да помагаат во домаќинството - сето тоа регулирано со договор.

Асан Нгом пребарува низ телевизиските канали, а Моник Ерпсон старомодно прелистува списанија со тв-програма. Разликата меѓу нив изнесува 43 години, а сепак извонредно се разбираат.

„Таа мене ми раскажува за работи што ми се непознати, за актери или филмови, а јас, пак, се обидувам како помлад со неа да ги споделам моите искуства за рап-музика и слично. И’ раскажувам што ми е хоби и со што се занимаваат младите. Заедничкиот живот не‘ збогатува", вели студентот од Сенегал, Асан Нгом.

„Учам многу работи кога ми раскажува за неговата земја, оти Сенегал воопшто не го познавам. Можеби и тој учи по нешто од мене, и тоа е возбудливо“, раскажува пак Моник Ерпсон, пензионерка која живее со Асан.

Заемна доверба

Frankreich Panorama über Paris gesehen von Notre Dame
Фотографија: Fotolia/Jose Ignacio Soto

Тој дошол пред една година од Сенегал за да студира право во Париз. Моник го примила за да и’ помага во домаќинството. Тој не се чувствува искористуван. Со договор се обврзал на миење садови и слично, но затоа пак 23-годишниот Сенегалец не плаќа кирија.

Основа на необичната размена е заемна доверба. Асан е веќе седми студент среќно удомен во потпокривот на куќата на Моник. Само, куќата е многу далеку од факултетот, па тој мора да патува два часа.

Речиси 180 илјади студенти година за година бараат живеалиште во Париз. Кој не може да дојде до соба под кирија, помош наоѓа кај агенцијата „Л ПариСолидер“ - Од Месеан и нејзиниот колега посредуваат за сместување кај осамени стари лица и се грижи ако се појават проблеми.

Заедничкиот живот со стари луѓе не е едноставен. Сара се жали на одредени недоразбирања и на недостиг од приватна сфера. Но, така поминатите годините и’ помогнаа на младата Италијанка да има повеќе разбирање за сопствената баба.

„За мене беше нормално да имам баба и не забележав како старееше. Сега почесто и‘ се јавувам по телефон и и‘ испраќам разгледници“, вели Сара Бироки, студентка во Париз.

Во Париз веќе има 1600 заеднички домаќинства на студенти и осамени стари луѓе. Веројатно ќе ги има уште повеќе, со оглед на наглиот скок на кириите.

Упатени едни на други

Flash-Galerie Mega-Städte
Фотографија: AP

Киријата за живеалиште од 20 квадратни метри во деветтиот париски арондисман, што го претставува посредникот за недвижности Морис, сега чини 800 евра. Недостижно за студенти, дури и ако имаат некаква споредна работа. Во последните 10 години станарините поскапеа за 50 проценти.

Не е за чудење дека се’ повеќе млади луѓе во Париз се впуштаат во генерацискиот експеримент. Но, соживотот не успева секогаш „од прва“. Фату живее кај тешко болна 90-годишна жена, за која никој не се грижи, па мора и да ја негува. Таков ангажман од 24 часа дневно не беше договорен со агенцијата. Од Месеан од агенција „Л ПариСолидер“ истакнува:

„Добра е идејата под еден покрив да живеат луѓе кои можат меѓусебно да си помогнат: едниот наоѓа живеалиште, а другиот веќе не мора да живее сам. Тие треба да развиваат односи, заеднички да јадат или да одат в театар“.

Агенцијата ќе најде друго живеалиште за Фату. Има многу пензионери на кои им е потребна помош. Во време кога социјалната држава е претежок товар за буџетот, генерацискиот експеримент е функционална алтернатива за социјален соживот. Така и сиромашниот Сенегалец Асан може да студира во еден од најскапите градови на светот.

„Многу е тешко. Морам да излезам на крај со 300 евра месечно. Финансиски е многу тешко“, вели Сенегалецот.

Асан имаше голема среќа со својата „баба на одредено време“. Тие добро се усогласуваат: Асан е неопходната помош во домаќинството и профитира од благосостојбата на остарената Французинка. Младите и старите во Париз се упатени едни на други и тоа го прави успешен моделот на генерацискиот експеримент.