1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А сега, на работа!

13 мај 2009

Прв работен ден на новиот македонски претседател Ѓорге Иванов. Тој денеска (13.05.2009) престојува во официјална посета на Брисел.

https://p.dw.com/p/Hp0g
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Ѓорге Иванов треба да се сретне со еврокомесарот за безбедност и надворешна политика Хавиер Солана, како и со комесарот за проширување Оли Рен, а треба да има и вечера со амбасадорите на НАТО.

Македонскиот претседател напиша и писмо до американскиот претседател, Барак Обама, зашто САД се стратегиски партнер на Македонија. Во писмото, Иванов ја изразува решеноста за продолжување на дијалогот со грчките пријатели и соседи за името, но нагласува дека притоа треба да се почитува македонскиот идентитет. Интересна коинциденција е и пораката на високиот функционер во Стејт Департментот, Стјуарт Џонс, кој во изјава за грчкиот весник „Катимерини“ сугерира разговорите меѓу Атина и Скопје да се концентрираат само на името.

Третиот аспект на своите приоритети - регионалната соработка, новиот претседател Иванов го почувствува уште на денот на инаугурацијата. Од шестемина поканети претседатели од соседството, во Скопје дојдоа четворица. Отсуствуваа бугарскиот претседател, Георги Прванов и грчкиот претседател, Каролос Папуљас, шефови на двете земји од регионот кои се членки на ЕУ и НАТО.

Дипломатијата во деликатна позиција

Неприсуството на косовскиот претседател, Фатмир Сејдиу, не пропушти да го искоментира албанскиот претседател, Бамир Топи. Тој во Скопје изјави: „За идните лидерски средби во регионот потребно е да биде присутен и Сејдиу. По признавањето на Косово треба да се признае геополитичката реалност на Балканот“, рече Топи по средбата со Иванов.

Во време кога ги затоплува заладените дипломатски односи со Србија, македонската дипломатија се најде во деликатна позиција - како да се однесува кон косовскиот претседател. Во јавноста се појавија различни дезинформации - еднаш Сејдиу е поканет, другпат не е поканет. „Да се одиграше подипломатски, поканата сигурно можеше да се прати и од нашите пријатели од Косово да се добие некоја дипломатска причина за Сејдиу да не присуствува во овој момент, кој е критичен за подобрување на нашите дипломатски односи со Србија. Тоа не се одигра добро“, оценува аналитичарот Алберт Муслиу.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска