1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аџилакот е голем потфат

28 ноември 2009

Секој муслиман барем еднаш во животот треба да оди на аџилак во Мека. Но, аџилакот не е само исполнување на обврска и олеснување: тој значи и стрес, смог, големи толпи луѓе кои се туркаат и ѕвонење на мобилни телефони.

https://p.dw.com/p/KiYK
Муслиманите ги почнаа ритуалите во МекаФотографија: dpa

Аџилакот е најголемата масовна светска манифестација - околу дваипол милиони аџии ги посетуваат Мека и Медина во светиот месец. Годинешниот аџилак веќе започна, на 25.11.2009. Но, аџилакот не е само исполнување на обврската и олеснување: тој значи и стрес. Како изгледаат подготовките, низ примерот на двајца аџии од Келн.

Аџилакот е поврзан со радост

Петочно пладне, еденипол часот, муезинот повикува и Мевдуди Џан е во стрес. Во неговото биро постојано ѕвони телефонот, уште не се поздравил со семејството, а сакаше да оди на молитва, последен пат пред да замине за Мека:

„Тоа претставува радост, последен пат на петочна молитва, а потоа се тргнува на пат“, вели Мевдуди Џан и ита кон просторијата за молитва. Турскиот претприемач има мало туристичко биро во Келн, во населбата Нипес, со години организира патувања во Мека. И покрај тоа, за него тоа не е само работа, оној кој патува во Мека мора да ги исполни сите ритуали. За муслиманот верник тоа не е оптоварувачка обврска, туку радост, секоја година одново. Но, и за роднините на аџијата, вели Мавдуди и раскажува за врвулиците на франкфуртскиот аеродром:

„На аеродромот доаѓаат многу пријатели и познаници и се поздравуваат со оние кои заминуваат на аџилак, зашто тоа е последниот акт што се дава како подарок.“

Кон тоа спаѓа и да се преземат за пренесување молитвите од други муслимани, зашто молитвите на аџиите кои одат на планината Арафат се услишени. Оваа планина се наоѓа источно од Мека, тука пророкот Мохамед ја држел својата последна проповед.

Стигнувајќи конечно до просторијата за молитва, Мавдуди среќава група мажи. Проповедникот денеска бил особено брз. Луѓето го тапкаат Мавдуди по рамото, му посакуваат среќен пат. Тука тој го среќава својот пријател Енгин Топал, кој првпат во животот патува во Мека.

Hadsch 2009 Galerie
Фотографија: picture-alliance/ dpa

„Ми требаше поттик, со години сакав да одам во Мека, но секогаш нешто излегуваше.“

Топал е полничок и неговиот пријател Мевдуди, уште пред месеци го советуваше да се подготви за аџилакот, зашто патувањето е напорно. Тие заедно со милиони други аџии ќе обиколуваат околу Каба, најстариот божји храм на исламот, ќе спијат на теписи и ќе се искачуваат на Арафат. Ќе биде жешко, владее турканица, и понекогаш, се жали Мевдуди, се губи смислата, зашто секој аџија фотографира со својот мобилен телефон, што всушност е забрането.

„И така има многу луѓе, а уште кога ќе застанат пред Каба, за да фотографираат...Уште полошо е кога ќе почнат да телефонираат, со што им пречат на другите, се губи спиритуалноста на чинот.“

Подготовките се речиси завршени

Во секој случај, куферите на двајцата пријатели се спакувани, во нив и така не треба многу да се носи, објаснува Џан:

„Најважното што треба да се понесе е трпението.“

На плус 35 степени не е потребна зимска облека, а уште на почетокот на патувањето мажите ја облекуваат традиционалната аџиска облека, Ехрам.

Тоа се како две големи крпи за бришење, во кои човек се завиткува, една за долниот, другата за горниот дел од телото. Многумина имаат проблеми со нив, се плашат дека ќе им паднат, мислат дека не смеат да се мијат. Но, тоа не е точно, особено што човек многу се поти. Коранот дури забранува да им се пречи на луѓето преку непријатни миризби.

Хигиената во прв план годинава

Оваа година хигиената е особено важна, зашто веќе постојат првите случаи на свински грип во Мека. Властите воведоа ограничувања за доаѓањето на аџиите и сега ги има речиси 40 проценти помалку од лани. И Мевдуди Џан во своето мало туристичко биро го почувствувал намалувањето, но сигурен е дека тоа повеќе се должи на економската криза отколку на свинскиот грип, зашто едно патување на аџилак чини околу три илјади евра:

„Не познавам никого кој рекол: нема да патувам зашто се плашам од свински грип, туку многумина рекоа: веќе работиме на скратено работно време, па не можеме да си дозволиме одмор и патување.“

Автор: Ина Ротшајд / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска