1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахтисари: да се постават темели за идно стабилно Косово

2 февруари 2007

Пратеникот на ОН во Белград го претстави планот за Косово. Српскиот претседател Тадиќ оцени: наметната незвисност – опасен преседан

https://p.dw.com/p/Abzb
Паралелно со престојот на Ахтисари во Белград се оддржуваа демонстрации
Паралелно со престојот на Ахтисари во Белград се оддржуваа демонстрацииФотографија: AP

Марти Ахтисари, во разговорот што траеше околу еден час, на српскиот претседател Борис Тадиќ му го претставил, како што рече самиот, компромисниот предлог за статусот на Косово, што го смета за фер. Во однос на целта што треба да биде постигната, Ахтисари на прес-конференцијата рече: “Конечна цел е да се постават темели за идното Косово што ќе биде стабилно и одржливо и ќе придонесе за безбедноста на регионот”.

Ахтисари нагласи дека посебно важен момент е заштитата на неалбанското население. Тоа подразбира негова гарантирана застапеност во парламентот, владата и судството, основање редица нови општини и самоуправа за некои сектори, како на пример здравството. Културните добра и историското наследство ќе бидат заштитени зони за да се обезбеди Српската православна црква да остане присутна на Косово. Според зборовите на Ахтисари, посебно внимание бараат економските прашања и неговиот предлог има за цел да обезбеди одржлив економски развој, што ќе му овозможи на Косово да се кандидира за членство во меѓународните финансиски институции.

Специјалниот пратеник на ОН не сакаше да се изјаснува за идниот статус на Косово додека не се формулира конечниот предлог. Тој искажа подготвеност да ги прифати конструктивните забелешки на Белград и на Приштина и дури потоа ќе го состави предлогот за конечно решение. Тој повеќе пати нагласи дека статусот на Косово ќе го одреди Советот за безбедност на ОН и дека документот што тој денеска им го врачува на двете страни во таа смисла е “само нацрт”. Ахтиасари изрази надеж дека конечниот предлог за статусот ќе биде завршен напролет и најави оти консултациите со Белград и Приштина ќе ги започне на 13-ти февруари.

Во однос на одбивањето на српскиот премиер Воислав Коштуница да разговара со него, Ахтисари кратко прокоментира дека не бил фрустриран поради тоа и оти му е сеедно кој ќе му биде соговрник во идните преговори: и кога ќе се формира новата влада му се чини дека исти луѓе ќе седат на другата страна од масата. Дури и ако, сепак, бидат српските радикали, тој ќе преговара, рече специјалниот пратеник на ОН.

Претседателот на Србија Борис Тадиќ оцени дека иако во предлогот на Ахтисари не се спомнува независност на Косово, од фактот што не е спомат ни суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија над својата досегашна покраина, се отвора можност за независност на Косово. Тој пренесе дека му рекол на специјалниот пратеник дека Србија и самиот како нејзин претседател никогаш нема да прифатат независност на Косово. “Наметнатата независност би била во спротивност со основните принципи на меѓународното право и би претставувала исклучително опасен политички и правен преседан”. Српскиот претседател истакна дека ќе ги повика сите шефови на партии застапени во српскиот парламент за да ги запознае со предлогот на Ахтисари.