1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: “По никоја цена нема да прифатиме улога на опозиција“

Свето Тоевски10 август 2006

ПДП останува со ДУИ

https://p.dw.com/p/Adcq
Фотографија: AP

“Ситуацијата во Македонија е многу сериозна и таа се движи во многу погрешна насока. Коалицијата ДУИ и ПДП ја алармира меѓународната и домашната јавност дека последиците можат да бидат многу големи. Затоа САД, ЕУ и НАТО, како потписници на Охридскиот договор и како олеснувачи во неговото донесување треба што побргу да се вмешаат и да интервенираат“.

Со овие зборови, денеска во Мала Речица, се огласи лидерот на ДУИ Али Ахмети, на заедничката прес конференција со претседателот на ПДП, Абдулади Вејсели.

“Секое дејствување во насока на манипулација со Бадинтеровиот принцип, за ДУИ ќе претставува погребување на Охридскиот договор. Неодговорни луѓе преземаат чекори кои не се во согласност со тој договор“, рече Ахмети и додаде “апелираме и до мандатарот Никола Груевски, ако сака да биде премиер на сите граѓани на Македонија, да го стави прстот на чело и да размисли во која насока се движат сегашните настани“.

На прашањето на Дојче Веле – дали ова значи навестување на евентуална политичка дестабилизација на Македонија, Ахмети одговори: “Не е моја обврска да ги преземам грижите на Никола Груевски. Сметките во врска со тоа, тој требаше да ги прави порано“.

Лидерот на ПДП, Абдулади Вејсели, денеска рече дека неговата партија останува коалиционен партнер на ДУИ и оти нема да ја прифати понудата сама да влезе во новата влада:

“Ќе ви кажам дека не сме многу жедни за власт“, нагласи Вејсели.

Инаку, Вејсели навести и интензивирање на протестите поради невклучувањето на коалицијата ДУИ-ПДП во извршната власт. Коалицијата денеска навести одржување заедничка седница на која треба да се изгради стратегија за натамошното дејствување. Али Ахмети поентираше: “По никоја цена нема да прифатиме улога на опозиција.“