Ахмети: „Коалицијата функционира нормално“
10 април 2009„Во спротивно, Македонија ќе влезеше во институционална криза околу позицијата претседател на државата, што не и` беше потребно во овие моменти“, изјави Ахмети.
Дојче Веле побара коментар околу зачестените тврдења дека наводно, „Иванов не е претседател и на македонските Албанци, оти нема добиено легитимитет и од нив.“ „Јас не мислам дека Албанците ги бојкотираа Иванов и самите избори, иако навистина, беше ниска нивната излезност на бирачките места.“ – одговори Ахмети и додаде дека договорот со ВМРО-ДПМНЕ бил да се поддржи Иванов, а тој како иден претседател со настојчивост да ги почитува Рамковниот договор, правичната застапеност на Албанците и сите други прашања, кои се во надлежност на шефот на државата.
ДУИ смета дека Иванов немал понуда за Албанците
Сепак, лидерот на „интегративците“ не остана без критичка нота на сметка на новиот претседател на Македонија: „Кај него недостасуваше понуда до Албанците и затоа тие не излегоа да гласаат во доволен број.“
На прашањето дали ќе се преиспитува функционирањето на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, поради губењето на градоначалничките фотелји во Тетово и Гостивар, како резултат на негласање на членовите на ВМРО ДПМНЕ за кандидатите на ДУИ, Ахмети изнесе: „Важно е дека коалицијата функционира и оти сето нејзино работење е транспарентно. Ние немавме телекоманди да ги насочуваме гласачите. Од наша страна, упативме транспарентен апел за кого да гласаат.“
Али Ахмети на прес-конференцијата во партиското седиште во Мала Речица резимираше: „Ниту сме разговарале за некаква реконструкција на Владата, ниту тоа прашање дошло на дневен ред. Но, можеби во некое догледно време ќе го отвориме и него.“
На оваа средба со новинарите беше соопштено дека ДУИ се смета како победник на годинашниве локални избори со освоените тринаесет градоначалнички позиции и 179 советнички мандати во советите на општините, со добиените 132 илјади гласови, како и со оглед дека нејзини кандидати за градоначалници ќе учествуваат во прегласувањето од вториот круг на локалните избори во општините Долнени, Маврово – Ростуше и Студеничани, со реални шанси да победат.
Автор: Свето Тоевски
Уредник: Трајче Тосев