1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмадинеџад за разговори со САД

ЕМФ/дв10 февруари 2013

Иран сигнализира подготвеност за разговори со САД, но не сака да преговара под притисок. Владата во Техеран истовремено прави напори да бидат олабавени санкциите на Западот.

https://p.dw.com/p/17biO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад навестува подготвеност за разговори со САД, но предуслов за нив е американската влада да го промени својот однос кон Иран. Во говор по повод 34-годишнината од исламската револуција, Ахмадинеџад на голем собир во Техеран од САД побара: Престанете да насочувате оружје во правец на иранската нација и јас лично ќе преговарам со вас.“

Претседателот на Иран рече дека неговата земја во атомскиот спор со Западот нема да прави отстапки. „Иран денес е земја со ноу-хау, му се допаѓало тоа на Западот или не“, рече Ахмадинеџад.

САД изразија подготвеност за директни разговори со иранското раководство околу атомската програма, но истовремено на средината од минатата недела во сила стапија нови санкции. Каква тежина имаат изјавите на Ахмадинеџад е нејасно, поради тоа што духовниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи веќе отфрли можност за билатерални разговори со САД околу атомската програма. Разговорите на Иран за неговата програма со петте ОН-сили со право на вето и Германија треба да продолжат на 26 февруари, во Казахстан.

Владата во Техеран прави напори да бидат олабавени санкциите на Западот, поради кои страда не само иранската валута, туку и извозот на нафта, кој е еден од големите извори на приходи на таа земја.