1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмадинеџад во посета на пријателите во Латинска Америка

8 јануари 2012

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад замина на петдневна турнеја во земјите на Латинска Америка. Тој ќе ги посети Венецуела, Никарагва, Куба и Еквадор, со цел јакнење на иранските односи со овие држави.

https://p.dw.com/p/13g1T
Ахмадинеџад влегува во претседателскиот авионФотографија: AP

Махмуд Ахмадинеџад пред денешното (08.01.2012) заминување на латиноамериканската турнеја изјави дека односите на Иран со земјите од регионот се многу добри и оти натамошно се развиваат.

„Културата на народите од тој регион и нивните историски барања наликуваат на барањата на иранскиот народ“, истакна Ахмадинеџад пред заминувањето на првата станица од турнејата - Венецуела.

САД: Ахмадинеџад очајнички бара сојузници

Тој додаде дека земјите од Латинска Америка што ќе ги посети имаат антиколонијалистички став и затоа се спротивставуваат на „режимот на репресија“, мислејќи притоа на САД.

Irans Präsident Ahmadinejad zu Gast bei Chavez in Venezuela
Ахмадинеџад и Хуго Чавез (претседателот на Венецуела) одржуваат тесни врскиФотографија: AP

Ахмадинеџад нагласи дека Латинска Америка била област која „режимот на репресија“ ја сметал за свој заден двор и мислел дека таму може да прави се’, меѓутоа денес народите од тој регион се разбудени и дејствуваат независно.

Официјален Вашингтон во петокот (06.01) ги повика земјите од Латинска Америка да не ги јакнат врските со иранскиот претседател во момент кога се зголемува притисокот врз Техеран да се откаже од неговата спорна атомска програма.

„Иранскиот режим чувствува се’ поголем притисок од меѓународната заедница и очајнички бара сојузници“, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Викторија Нуленд.

Автор:СН/ЕМФ/ртр/бета

Редактор: Е. М. Фиданоска