Африканскиот фудбалски куп без Того?
9 јануари 2010Во оружен напад врз фудбалската репрезентација на Того во Ангола загина возач на автобусот во кој се наоѓале играчите. Според Фудбалскиот сојуз на Того, ранети се двајца играчи и седуммина членови на тимот. Екипата била на пат во Ангола каде требало да учествува во натпреварите на Купот на Африка, кои почнуваат утре.
Адебајор и соиграчите ќе одлучат дали ќе останат во Ангола
Автобусот со играчите и членовите на управата кратко по преминот на границата меѓу Демократската Република Конго и Ангола се нашла под оган од оружје. Одговорноста за нападот ја презеде Фронтот за ослободување на енклавата Кабинда. Во оваа провинција, која е богата со нафта, постојано доаѓа до судири од независноста на Ангола во 1975 година.
Во меѓувреме капитенот на фудбалската репрезентација на Того и играч на англискиот клуб Манчестер Сити, Емануел Адебајор најави дека денеска ќе свика средба на која играчите од тимот треба да решат дали ќе останат на турнирот.
„Мислам дека многу играчи сакаат да си одат“, изјави Адебајор за британската телевизија БиБиСи.
„Ако безбедноста не е гарантирана, тогаш утре ќе си одиме. Не мислам дека играчите се спремни да го дадат својот живот“ , рече Адебајор.
Сеп Блатер длабоко трогнат од инцидентот
Организаторите на првенството во меѓувреме изразија длабоко жалење за крвавиот инцидент но истакнаа дека тоа е изолиран случај во генерално добрите безбедносни услови под кои ќе се одвива првенството. Претседателот на Светската фудбалска федерација, Сеп Блатер изјави пак дека е длабоко трогнат од нападот врз репрезентацијата на Того.
„ФИФА е во контакт со Африканската фудбалска федерација и очекува целосен извештај за ситуацијата“, наведено е во кусото соопштение објавено на интернет сајтот на ФИФА.
Автор: ЖА/СН/дв/ртре
Редактор: Симе Недевски