1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Афера „Тихиликс“ во Република Српска – вистина или прикривање?

Драган Максимовиќ / Александар Методијев2 ноември 2013

Поранешниот директор на Геодетската управа на Република Српска Тихомир Глигориќ прозборе за „градежната мафија“ во тој ентитет. Актерите во приказната веќе се закануваат со смрт во т.н. афера „Тихиликс“.

https://p.dw.com/p/1AAZi
Фотографија: klix.ba

Колку и да се трудат властите во Република Српска да покажат дека за нив се безначајни најновите истапи на поранешниот директор на Геодетската управа на Република Српска, Тихомир Глигориќ, сепак тие ја разнишаа владејачката партија СНСД, чиј член до неодамна беше и Глигориќ. Тој во отворено писмо и’ се спротивстави на владејачката структура, тврдејќи дека знаела за криминал и за мафијата која владее со Република Српска. Меѓу другото, тој прозборе за луѓето блиски до Милорад Додик, кои според него учествувале во малверзации со земјиште вредно десетици милиони марки.

„Јас вака им порачувам - нека целиот криминал, сите кумови, бизнисмени, сето она што е украдено од народот го понесам јас, како Тихомир Глигориќ. Јас со задоволство ќе се соочам со тоа во полиција и во обвинителството, кои тие ги контролираат. Но, што ќе биде кога ќе помине ова лудило и кога Милорад Додик ќе одговара – каде се народните пари“, прашува Глигориќ.

Паркови, земјишта...

Од друга страна, СНСД се обидува да ја задржи сталоженоста. Освен што Глигориќ беше веднаш исклучен од партијата, немаше некои поголеми реакции. Она што го имаше во јавноста дојде само од еден човек – Милорад Додик.

Park in Banja Luka Bosnien und Herzegowina
Паркот кој стана градежно земјиштеФотографија: klix.ba

„Тој сега мене ми пишува писмо за тоа што не е направено. Невозможно е дека токму утрово осамнала градежната мафија и дека ја немало кога тој беше директор на Геодетската управа. Или можеби се работи за некоја друга градежна мафија, која можеби тој ја штител? Јас не знам“, изјави Додик.

Јавноста не е запознаена со конкретни случаи, но неофицијално се работи за малверзации за време на градењето згради во центарот на Бања Лука на атрактивно земјиште, кое порано беше парк, а сега по пониска цена од пазарната го купи контроверзен бизнисмен и, како што наведуваат медиумите, близок човек до Милорад Додик. Актерите во овој случај не сакаат да зборуваат на оваа тема, бидејќи сметаат дека се работи за неосновани обвиненија и дека се’ е направено во согласност со законот.

Зошто Глигориќ молчеше досега?

Глигориќ тврди дека СНСД се претвора во „кумовска, автократска, однародена и тајкунска партија“, бидејќи како што вели нејзините членови се главни актери во овие малверзации. Тој прашува зошто неговиот поранешен партиски колега Додик „декларативно се залага за борба против организираниот криминал, а во стварноста прави се’ за истражните органи да не ги процесуираат финансиските моќници кои се со него или околу него“.

Се поставува прашањето зошто Глигориќ порано не излезе во јавност со овие информации. Жељко Раљиќ, аналитичар и уредник на порталот „Истинито“, има едноставно објаснување: „Од свои извори знам дека Глигориќ и порано укажувал на негативни појави и менувал луѓе на клучни позиции, кои подоцна се враќале на тие позиции“.

Bosnien und Herzegowina Arbeitslose
Младен Иваниќ, лидер на ПДПФотографија: DW

Младен Иваниќ, лидер на ПДП, вели дека сите знаат се’, но дека молчат поради поврзаноста со „криминалниот октопод“: „Сите знаат дека Бања Лука е локација каде се планираат големи трговски центри на влезот во градот и дека тука вредноста на земјиштето е огромна“

Опозицијата очекувано застана на страна на Глигориќ. Иваниќ тврди дека обвинувањата нема да дадат резултати.

„Се плашам дека нема да биде ништо, бидејќи оваа власт не може да влезе во борба со своите луѓе. Кога таа би ја отворила таа тема, тогаш таа би работела против себе. Сето тоа е премногу поврзано“, вели Иваниќ..

Глигориќ тврди дека добро организираните и поврзани луѓе му се закануваат со смрт, но тој не побарал полициска заштита, бидејќи смета дека таа не може да го заштити.

Од Транспаренси интернешнал БиХ го поздравуваат потегот на Глигориќ. Портпаролката Ивана Корајлиќ вели дека би било подобро Глигориќ порано да прозборел за сите афери. „Имајќи ја предвид чувствителноста на тие афери и кој се’ е вмешан во нив, се плашам дека никогаш нема да видеме спроведување на вистинска истрага за овие случаи“, вели Корајлиќ.