Атлетико против Фулам во финалето на Лига Европа
30 април 2010Екипите на Атлетико Мадрид и лондонски Фулам ќе играат во финалето на Лигата на Европа. Во синоќешните реванш дуели, Атлетико Мадрид загуби нагости од Ливерпул по продолженијата со 2:1, но поради постигнатиот гол нагости обезбеди понатамошен пласман, откако во првиот дуел на домашен терен победи со 1:0.
Голот за големото финале го постигна Форлан во 102-та минута од мечот. Во регуларниот дел, мечот заврши со 1:0, а Ливерпул по првиот дел од продолжението водеше и со 2:0, со головите на Аквилани и Бенајун.
Во Лондон, тимот на Фулам го совлада Хамбургер со 2:1. Гостите поведоа преку Петриќ во 22-та минута, а пресвртот се случи во вториот дел, најпрво преку Дејвис во 69-та, а потоа погоди и Гера во 76-та за конечни 2:1. Првиот дуел пред една недела заврши без голови.
Хамбургер прокоцка голема можност
Со поразот, тимот на Хамбургер пропушти огромна шанса да игра во финалето на турнирот на својот стадион во Хамбург.
Стрелецот на единствениот погодок за гостите од северот на Германија, Хрватот Младен Петриќ беше разочаран од исходот. „Веројатно ова беше најголемото разочарување што некогаш сум го доживеал. Ова беше огромна шанса да играме во финалето пред домашната публика. Имавме предност од 1:0, се беше во наши раце, и на крајот го прокоцкавме натпреварот“.
За екипата на Фулам ова ќе биде прво финале во едно европско натпреварување во 131-годишната историја на клубот.
Финалето се игра во Хамбург на 12 мај.
Автор: БГ/АТ/афп/дв
Редактор: Александра Трајковска