1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина ќе добие повеќе време?

Е.М.Фиданоска дв/ард/дпа24 октомври 2012

Времето притиска - на средината од ноември на Грција и‘ се заканува банкрот. Но, меѓународните кредитори наводно сакаат да и‘ излезат во пресрет на земјата. Дали тоа ќе значи пресврт?

https://p.dw.com/p/16VPs
Фотографија: AP

Грчката влада, според информации на весникот „Зиддојче цајтунг“ќе добие уште две години за санација на својот буџет. Наместо до 2014, земјата ќе смее да го намалува буџетскиот дефицит под границата од три проценти до 2016 година, пишува весникот, повикувајќи се на предлог изјава на намери на Грција и на меѓународните кредитори. Според германската новинска агенција ДПА, која се повикува на извори во грчката влада, ваков предлог постои, но околу условите за продолжување на рокот и натаму се преговара. „Зиддојче цајтунг“ пишува и дека треба да бидат продолжени роковите за реформа на пазарот на работна сила и во енергетскиот сектор, како и роковите за приватизација на државните претпријатија. Истовремено, грчкиот премиер Андонис Самарас може да смета со тоа дека евро-партнерите наскоро ќе ја одобрат помошта од речиси 32 милијарди евра која на Грција и‘ е итно неопходна. Според извештајот во весникот, нејасно е како ќе се затвори дупката во финансиското планирање за 2013 и 2014 година. Потребни се дополнителни 15 до 18 милијарди евра. Отворено е и прашањето како Грција би се финансирала по 2014 година.

Од кругови на германската влада се вели дека и натаму се чека извештајот на таканаречената Тројка, составена од експерти од ЕУ, ЕЦБ и ММФ. Германија не сака да реагира на секоја шпекулација што доаѓа од заинтересирани кругови, се вели во Берлин. Можно е да има повеќе предлози, но одлука нема.

Пред речиси две недели Меѓународниот монетарен фонд се заложи за тоа Грција да добие уште две години време за санација. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле ваквото барање го отфрли како преурането.

Самарас повикува на единство

Атина има пари само до 16 ноември. Премиерот Андонис Самарас вчеравечер (23.10) се обрати до народот и ги повика Грците да покажат единство во борбата против кризата. Оние што сега ќе покажат храброст „ќе ја спасат земјата“, рече Самарас, обраќајќи се преку телевизија. Коалиционите партнери, инаку, претходно не можеа да постигнат согласност за делови од програмата за штедење и реформи. Најспорни се барањата на кредиторите за реформи на пазарот на работна сила, односно преполовувањето на обештетувањето на отпуштените работници и повторното воведување шестдневна работна недела, јави агенцијата ДПА, повикувајќи се на извори во грчката влада.