Атина демантира дека Василакис предложил „Славјанско-албанска Македонија“
1 ноември 2013Портпаролот на грчкото Mинистерство за надворешни работи Констанинос Кутрас, во изјава за телевизијата „Канал 5“, потенцирал дека официјална Атина никогаш не дала таков предлог.
„Категорично демантираме. Нашите позиции се познати, сложено име со географска одредница пред Македонија, за сите употреби, односно ерга омнес“, изјавил Кутрас.
Весникот „Дневник“ пред неколку дена напиша дека последните разговори во Њујорк околу спорот за името меѓу преговарачите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис резултирал и со нов предлог од грчката страна. Грчкиот преговарач Василакис, според „Дневник“, го предложил името „Славјанско-албанска Македонија“, а во однос на грчките позиции, тој на Јолевски му порачал дека Атина останува на веќе познатите црвени линии и барањето за ерга омнес име со сложена географска одредница.