1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина го донесе законот за масовни отпуштања

ЕМФ/миа18 јули 2013

Грчкиот парламент доцна синоќа (17.07) го донесе контроверзниот закон со кој се овозможуваат масовни отпуштања во јавниот сектор. Сега патот за натамошна меѓународна помош за земјата е отворен.

https://p.dw.com/p/199yb
Фотографија: Reuters

Непопуларните економски мерки, кои ги бараат меѓународните кредитори на земјата, беа одобрени по полноќ со 153 гласови „за“ од вкупно 293 присутни пратеници во 300-члениот Парламент. Гласањето беше првиот важен тест за Владата на премиерот Андонис Самарас, откако најмалиот партнер, Демократската левица, минатиот месец ја напушти владејачката коалиција во знак на протест поради затворањето на државната радио и телевизија ЕРТ.

Пакетот мерки донесени вчеравечер вклучува кратење или префрлување на работни места на 25 илјади државни службеници, претежно наставници и локални полицајци. Пакетот предвидува укинување на 15 илјади работни места во државниот сектор до крајот на 2014 година и префрлување на 12.500 вработени во т.н. „мобилна шема“, при што тие ќе бидат преместени на други должности и ќе треба да си најдат нова работа во рок од осум месеци, по што ќе бидат отпуштени. Изминатите денови беа одбележани со секојдневни протести и штрајкови против новите мерки.

Во Грција денеска ќе допатува германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, кој пред посетата изрази надеж дека грчката Влада ќе го продолжи курсот на закрепнување на економијата.