1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина бара финансиска помош без услови

ЖА/дв/ханделсблат/дпа 26 август 2013

Високозадолжената Грција очигледно не може да ја покрие дополнителната потреба од пари со сопствени сили. Грчкиот министер за финансии се надева на повторна финансиска поддршка, но без нови предуслови.

https://p.dw.com/p/19WBA
Фотографија: picture-alliance/dpa

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас е оптимист - тој смета дека неговата земја е на добар пат за враќање на пазарот на капитал. На Грција, според Стурнарас, не ѝ треба нов отпис на долгови.

„Нашиот товар долгови можеме да го намалиме на поинаков начин“, тврди министерот за германскиот весник „Ханделсблат“. Тој споменува пониски каматни стапки и подолги рокови за отплата на главницата на долгот за веќе добиените кредити.

Но, со тоа не би биле затнати големите финансиски дупки. Грчката влада својата дополнителна потреба од финансиски средства ја проценува на околу десет милијарди евра и се надева на помош без предуслови.

„Не зборуваме за нов пакет помош за спасување, туку за пакет економска помош“, истакнува Стурнарас.

„Обврските на Грција за возврат на веќе одобрената помош од меѓународните кредитори се прецизирани до 2016 година и не смеат да се менуваат“, аргументира министерот.

Според него, трет пакет помош, каков што навести минатата недела германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, не е неопходно потребен. Стурнарас најави бескомромисен приод кон даночните затајувачи. За жал, многумина Грци затајувањето данок го сфаќаат како некој вид национален спорт. Овој менталитет Стурнарас планира да го искорени со високи казни. Во време на мандатот на сегашната влада повеќе од 600 даночни грешници се најдоа веќе во затвор. „Тоа навистина не е убаво, но моравме да го направиме“, истакнува Стурнарас.