1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атентат врз заменик-министер за внатрешни работи на Ирак

22 мај 2004

Генерал Јусеф и неговото семејство ранети, 6-мина загинати припадници на силите за безбедност

https://p.dw.com/p/AcNT
Американски војници го обезбедуваат местото на денешниот напад
Американски војници го обезбедуваат местото на денешниот нападФотографија: AP

Во Ирак изутрината експлозија на автомобил-бомба во источниот дел на Багдад, при што 6 лица го загубија животот, а 13 се ранети, меѓу нив и веројатната цел на нападот, генерал Абдул Џабар Јусеф, еден од тројцата заменици на министерот за внатрешни работи. Јусеф е в болница со повреди на главата и градите, во – како што е соопштено од болницата – стабилна состојба. В болница се и членовите на неговото семејство, а загинатите и другите ранети се луѓе од службата за обезбедување и соработници на министерството. Од експлозијата се уништени повеќе автомобили, а оштетени се и куќи во околината на настанот.

Генерал Јусеф е член на шиитската партија Дава, исто како и Иседин Салим, член на ирачкиот преоден владин совет, кој беше убиен во понеделникот во слично изведен напад.

Во експлозија на друг автомобил-бомба јужно од Багдад загина еден американски војник, а тројца се повредени. Во близина на Фалуџа вчера загинал уште еден американски војник, но “не од непријателски акт”, како што беше соопштено од армиски извори.

Армијата во меѓувреме врши истрага за осум натамошни смртни случаи во Ирак и Авганистан во врска со скандалот со мачења на затвореници. Смртта можела да настапи како последица на примена на физичка сила пред или за време на сослушувањето, процениле службените лица по првичниот преглед на телата на умрените. Меѓу неразјаснетите случаи е и смртта на ирачкиот генерал Абдел Хамед Мухуш, кој во ноември минатата година се задушил во сопствената вреќа за спиење под нејасни околности. Американската армија ја испитува смртта на досега вкупно 32-ца затвореници во Ирак и 5-мина во Авганистан, но како што се нагласува од воени кругови, тоа не значи дека кај овие случаи морало во основа да постои криминална намера. Министерството за правда, пак, соопшти дека за прв пат е поведена кривична истражна постапка и против приватно лице ангажирано од армијата, под сомнение за малтретирање на затвореници.

Весникот “Вашингтон пост”, кој вчера објави нови сведоштва на затвореници за она што го доживеале во Абу Гариб, дадени под заклетва, денеска донесува натамошни искази. Адвокатите на обвинетите припадници на воената полиција тврдат дека членови на тајните служби барале од нивните манданти со “тврд третман” да ги ”омекнат” затворениците да оддадат одредени информации. Војниците, според сведок на истрагата на кого се повикува весникот, ги обвинувале и своите затворски офицери дека ги поттикнувале на такво однесување.