Атентат во египетското одморалиште Дахаб
25 април 2006Според извори на египетските сили за безбедност барем два од трите напади се дело на атентатори самоубијци. Две бомби експлодирале пред ресторани, а третата пред еден супермаркет на шеталиштето во Дахаб.
Соработникот на телевизијата на ДВ, Фридрих Шмит се наоѓаше токму во еден хотел во близината на атентатите и кусо по детонациите вака ја опиша ситуацијата:
„Околу 7.15, ако добро се сеќавам, имаше прво две силни експлозии кусо една по друго, а потоа одекна и третата. Во хотелот каде сум сместен, тоа е на околу 500 метри од местото на бомбашкиот напад, можеше да се почувствува притисокот во воздухот од експлозиите. Сите веднаш истрчаа на улиците и се создаде огромен метеж, се слушнаа сирени на пожарникарите и спасувачките екипи. Отидов до местото на настанот и глетката беше страшна, на секаде се расфрлани чевли, искршено стакло, многу крв, превртени детски колички...„
Поради египетскиот празник на пролетта речиси сите хотели на бреговите на Црвеното море во Египет беа преполни. Дахаб се наоѓа во заливот на Акаба и покрај Шарм ел Шеик е најомилениото летувалиште на Синајскиот полуостров. На Синај во изминатите две години имаше уште два терористички напада, во кои имаше голем број жртви и повредени. Прво во октомври 2004-та во Таба загинаа 34 лица, а потоа во Шарм ел Шеик животот го загубија 70 луѓе. Египетската влада постојано ги отфрлаше шпекулациите дека зад овие атентати стојат групи блиски до Ал Каеда. Но токму пред неколку дена египетските сили за безбедност објавија дека во околината на Каиро открила терористичка група со 20-тина членови, кои планирале напади врз туристи, коптски и муслимански религиозни лидери, како и врз еден гасовод.
Осуда на нападот, за кој уште никој не ја презел одговорноста, дојдоа меѓу другото и од американската и германската влада, а израелскиот Министер за одбрана Шаул Мофас понуди веднаш лекарски и спасувачки екипи.