1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АСЕАН ќе ја координира помошта за Мјанмар

Бернд Муш-Боровска20 мај 2008

Она што не го направија на соодветен начин властите на Мјанмар, треба да го направи организацијата на земјите од југоисточна Азија АСЕАН: ќе организира и координира помош за настраданите од катастрофалниот циклон.

https://p.dw.com/p/E2sy
Министрите за надворешни работи на Мјанмар Њан Уин и на Сингапур Џорџ ЈеоФотографија: AP

АСЕАН, покрај другото, предложи одржување донаторска конференција за помош на жртвите од катастрофата циклон кој пред две недели остави пустош зад себе Мјанмар, некогашна Бурма, и ќе соработува со ОН во нејзината организација. Според договорот на средбата на министрите за надворешни работи од земјите на АСЕАН, конференцијата треба да се одржи в недела, на 25-ти овој месец, во Рангун, главен град на Мјанмар, кој исто така беше тешко погоден од циклонот.

Џорџ Јео, министер за надворешни работи на Сингапур, извести дека Мјанмар сега била подготвена да дозволи влез на странски хуманитарци. Како за почеток, тимови од лекари од земјите на АСЕАН смеат да одат во делтата на Иравади, од циклонот најтешко опустошено подрачје. АСЕАН ќе ја координира хуманитарната помош, која не смее да биде политизирана, рече Јео.


Црвениот крст најави значително зголемување на помошта


Меѓународниот црвен крст изнајмил пет авиони, кои уште во текот на оваа недела треба да однесат секој по 40 тони хуманитарна помош во Рангун. Оваа организација е една од малкуте, која со 10 илјади доброволни соработници самата смее да ја расподелува помошта во подрачјето погодено од катастрофата.

Во текот на неделава се очекува во Мјанмар да дојде генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, но се’ уште не е договорен термин за негова средба со шефот на воената хунта на Мјанмар, генерал Тан Шуе. Државите на АСЕАН испратија свој експертски тим, кој треба да ги процени потребите од средства и персонал за помош.


Човечките и материјални штети огромни, регистрирана и појава на колера


Според министерот за надворешни работи на Мјанмар Њан Уин, циклонот „Наргис“ предизвикал штети од преку 10 милијарди американски долари. Бројот на жртвите, според официјални наводи, изнесува 78 илјади, но меѓународни хуманитарни организации проценуваат дека можеби загинале до 130 илјади луѓе.

Во Бангкок, главен град на Тајланд, вчера повеќе хуманитарни организации поднесоа извештај за актуелната ситуација во подрачјето на катастрофата. Џон Спероу од Меѓународниот црвен крст рече дека до погодените полека почнува да стигнува помошта, но оти потребите се многу големи. Морин Бирмингем од Светската здравствена организација, извести дека во делтата на реката Иравади веќе се појавиле првите случаи на колера, но тоа се’ уште нема големи размери.


►◄