1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад: Сирија во состојба на војна

Александар Методијев/ројтерс/бета/макфакс27 јуни 2012

Сирискиот претседател Башар ал-Асад објави дека неговата земја е во војна и оти и’ наредил на владата да не штеди напори во постигнувањето победа. Насилството во Сирија продолжува без забавено темпо. Нападната е и ТВ.

https://p.dw.com/p/15Lv2
Фотографија: REUTERS

Видео објавено од опозиционерите покажува жестоки престрелки и експлозии во предградијата на Дамаск. Денеска во напад на сирискиот државен тв-канал Ал Ихбарија беа убиени три лица. Убиените се новинари и вработени во телевизијата.

„Имаме вистинска воена ситуација. Целокупната наша политика и сите сектори треба да бидат ставени во служба на извојување победа во оваа војна“, изјави Асад, кој негира дека во неговата земја се случува побуна против владеачкиот режим.

Таквата изјава дека Сирија е во војна ја менува реториката на Асад, кој долго време бунтот против него го оценуваше како работа организирана од милитанти финансирани од странство. Таквите активности тој и натаму ги оценува како терористички.

Krieg in Syrien
Фотографија: Reuters

Тој повторно го обвини Западот, кој „зема и никогаш не дава и тоа е потврдено на секое ниво“. Во подолгиот говор насочен кон економските сектори, Асад ја повика владата да ги

зајакне односите со Истокот, а потесна соработка да направи и со земјите од Латинска Америка и Африка, како и Русија и Кина. Асад додаде дека „државата преку потпишување договори со овие земји треба да му помогне на приватниот сектор да изгради вистински односи со нив“.

Поради ескалацијата на насилството во Сирија, Русија – сојузникот на сириските власти, прифати да учествува на меѓународен состанок во Женева, кој треба да се одржи на 30-ти јуни. Сепак, рускиот претседател Владимир Путин побара и Иран, блискиот соработник на Асад, исто така да присуствува на собирот.

ОН ги обвинуваат сириските безбедносни сили за убиството на над 10.000 лица за време на конфликтот. Мировните набљудувачи од оваа организација веќе ги прекинаа активностите во земјата, поради премногу опасната ситуација во Сирија.