1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад бара економска поддршка од Москва

АТ/ дпа/ дапд/ афп4 август 2012

Нападот на опозицијата врз државната телевизија во Алепо беше неуспешен, но и владините сириски трупи не напредуваат. Данокот насекаде го плаќаат цивилите. Сирија упати молба до Русија за финансиска и економска помош.

https://p.dw.com/p/15jyu
Фотографија: AP

Сириските бунтовници депонираа експлозив околу објектот на државната радио-телевизија во Алепо, но обидот за заземање на медиумот пропадна, откако владините трупи со борбени авиони се вклучија во акцијата. Абу Омар ал Халаби, еден од командантите на опозициската Слободна сириска армија, за новинската агенција дпа изјави дека бунтовници потоа се повлекле од тактички причини.

Државната новинска агенција Сана го потврди нападот врз државната телевизија. Во нападот биле „убиени и повредени терористи“. Со поимот „терористи“ сириското раководство ги опишува кон владата критички настроените демонстранти и бунтовниците во земјата.

Во Дамаск трупите на претседателот Башар ел Асад речиси повторно воспоставија контрола во населбата Ал Тандамун, што беше последното седиште на бунтовниците во сирискиот главен град.

Црвениот крст бара заштита на цивилите

Со оглед на ескалацијата на граѓанската војна Меѓународниот комитет на црвениот крст упати итен апел до сириското раководство и бунтовниците. Во него се бара од страните во конфликтот да ги поштедат цивилите и да се придржуваат до правилата за водење војна, што ги пропишува Женевската конвенција.

Bildergalerie Syrien Flüchtlinge ohne Hilfe
Црвениот крст се заложи за заштита на цивилитеФотографија: Reuters

Одговорниот во Црвениот крст за Блискиот Исток, Роберт Мардини изјави: „Противниците во конфликтот мора во секое време да разликуваат меѓу цивили и борци. Напади смеат да се водат само против воени институции, никогаш против цивили или цивилни институции како домови, училишта или религиозни споменици“.

Молба до Москва

Во меѓувреме Сирија упати молба до Русија за финансиска и економска помош, за да се ублажат последиците од санкциите на западните земји против режимот на Асад. Заменикот сириски премиер Кадри Џамил вчера на разговорите во Москва побара кредит, за да се пополнат монетарните резерви. Освен ова се пожали на недостиг на нафтени продукти како дизел гориво.

Syrisches Regime bittet Russland um wirtschaftliche Hilfe‎ Kadri Dschamil stellvertretender syrischer Ministerpräsident in Moskau
Кадри ЏамилФотографија: Reuters

Во истовреме три руски воени бродови се приближуваа до сириското пристаниште Тартус, единствената руска поморска база надвор од поренашниот Советски сојуз. Додека рускиот генералштаб најави дека трите бродови треба да се закотват на пристаништето, министерството за одбрана соопшти напротив дека во моментов не било планирано, бродовите да застанат на пристаништето. Според податоци на руските новински агенциии на бродовите се наоѓале по 120 војници и воена опрема.