1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арсова: За освојување на Еверест е потребна и ментална сила

ЕМФ/макфакс5 јуни 2013

Планинарката Илина Арсова денеска одржа прес-конференција на која зборуваше за своето искачување на Монт Еверест. Таа зборуваше и за плановите за иднина и најави нови потфати.

https://p.dw.com/p/18k2B
Фотографија: DW/S. Nestler

Планинарката Илина Арсова е првата Македонка што го освои највисокиот врв на светот Монт Еверест (на фотографијата горе) и стана петтиот македонски планинар што успеа да се искачи на „Покривот на светот“.

„Постигнувањето на ваков резултат е гордост за една земја како спортско достигнување“, рече денеска (05.06) на прес-конференција Арсова, која ја запозна јавноста со детали од искачувањето.

„Искачувањето на врвови над 8.000 метри е комплексно и покрај физичката, потребна е и ментална сила“, вели Арсова, притоа додавајќи дека подготовката за искачувањето на Еверест траела подолго време, а два месеца поминала на висина од над 5.000 метри, за да може да го навикне организмот на условите на Хималаите.

Bildergalerie 60 Jahre Mount Everest-Erstbesteigung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Искачувањето на Еверест, последниот ден, од логорот до врвот и обратно траело 20 часа, а пристапот бил од вообичаената јужна страна.

„Тргнавме многу рано, бидејќи најубавата глетка од Еверест се пружа пред самото изгрејсонце. Но, на врвот пристигнав во три часот по полноќ на 23 мај, и таму поминав нешто помалку од 10 минути. Чувствував радост, како лична, така и за мојата земја“, вели Илина.

Арсова како следен предизвик го најавува искачувањето на седумте највисоки врвови на сите континенти, а како нов предизвик спомена и искачување на врвови над 8.000 метри без маска за кислород.