1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргентина се’ уште ја боли диктатурата

11 октомври 2010

Меморија или сеќавање е централна тема со која на Франкфуртскиот саем на книгата се претстави земјата- почесен гостин Аргентина. Станува збор за сеќавањето на ужасите на воената диктатура во земјата од 1976 до 1983.

https://p.dw.com/p/PXwJ
Логото на Аргентина како земја почесен гостин на саемот во Франкфурт

Јуни 1978 година. Светот гледа кон Аргентина, кадешто се одржува Светското првенство во фудбал. Истовремено под воениот режим во земјата исчезнуваат опозиционери, се измачува и убива. Милјето во кое се случуваат овие злосторства го опишува Мартин Кохан во неговиот роман „Двапати јуни“, од перспектива на еден млад воен обврзник. Четири години подоцна аргентинската армија води војна на Фолкландските острови, а во Буенос Аирес младата чуварка Мариа Тереза треба да ја надлгедува дисциплината во една елитна гимназија. Тоа е материјалот за најновата книга на Кохан наречена „Етика“.

„Кога во 1976 година војската изврши пуч имав девет години. За време на Фолкландската војна имав 15, а една година подоцна 1983 заврши диктатурата. Мојата литература меѓутоа повеќе се храни од моето восприемање на тогашната атмосфера во општеството отколку што ги опишува конкретните случувања“, вели Кохан.

Диктатурата е аргентинскиот холокауст

Buchmesse Frankfurt Eröffnungsfeier
Претседателот на Аргентина , Кристина Фернадез де Кирхнер присуствуваше на отворањето на саемот во ФранкфуртФотографија: picture alliance/dpa

Тој е еден од аргентинските писатели кои во последниве години се занимаваат со мрачното поглавје на диктатурата. Зборот „Меморија- сеќавање во нашата земја е синоним за присетувањето на воениот режим“, објаснува Патрициа Колесников, од весникот „Кларин“. „Диктатурата е нашиот холокауст. За повеќето Аргентинци тој период е дел од нивниот сопствен живот. Интересно е дека во последниве години некои многу млади писатели, кои самите многу малку или воопшто не го доживеале овој период напишаа книги за диктатурата“.

Книгите за воената диктатура во Аргентина меѓутоа не се феномен од последниот период. Имено уште за време на владеењето на војската, писателите во завиена форма известуваа за состојбата. По враќањето на демократијата тие може без цензура да пишуваат за државниот терор и исчезнувањето на околу 30 илјади луѓе и кражбата на околу 500 бебиња: „Најнапред се пишуваше за искуствата на жртвите, за општеството како жртвата и за оние кои беа директно погодени од злосторството како и за роднините на исчезнатите. Малку подоцна дојдоа и нови димензии на сеќавањето. Се појави литература за револуционерното движење во 60-те и 70-те години, кое му претходеше на пучот“, вели писателот Мартин Кохан.

Како ужаносто може да се живее како нормалност

Buchmesse Frankfurt 2010
Штандот на Аргентина на Франкфуртскиот саемФотографија: DW

Денеска тој и останатите писатели од неговата генерација фрлаат дистанциран поглед на случувањата, нивниот литературен пристап е индиректен. Така во романите на Кохан протагонисти не се само шефот на хунтата Хорге Видела и компанија туку двајца просечни граѓани, млади Аргентинци, кои не се ни жртви ниту злосторници, но ги исполнуваат зададените задачи послушно и ревносно. Тие не доведуваат ништо во прашање и перфектно се вклопуваат во системот: „Мене ме интересираше прашањето, како ужасното, ненормалното може да се живее како нормалност. Политичката угнетувачка машинерија не функционира без мали запчаници. А тоа се тие мали запчаници кои го засегаат секојдневието“, вели Кохан.

Едно е јасно злосторничката воена диктатура за Аргентиците уште долго нема да биде затворено поглавје и уште долго ќе се пишува за неа.

Автор: Викториа Еглау/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска