1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аргентина не го прима починатиот нацист Прибке

АТ/ афп/дпа12 октомври 2013

И по неговата смрт има недоразбирања околу починатиот нацистички злосторник Ерих Прибке. Аргентина, каде што Прибке пребега по Втората светска војна, не сака да ги прифати неговите посмртни останки.

https://p.dw.com/p/19yY0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Некогашниот СС - офицер Ерих Прибке, кој почина во Рим, требаше да биде погребан покрај неговата сопруга во Аргентина. Меѓутоа од Буенос Аирес пристигна следната информација: „Министерот за надворешни работи Хектор Тимерман издаде наредба, дека нема да вложи ни најмали напори за враќање на телото во нашата земја“, соопшти Министерството преку Твитер. „Аргентина не сака да прифати ваква навреда против човечкото достоинство“. Еврејските организации во земјата ја поздравија одлуката.

Еден од последните нацистички злосторници

Стогодишниот Прибке се сметаше за еден од последните живи нацистички злосторници. Неговиот адвокат Паоло Гјачини информираше за плановите за погреб во Аргентина. Прибке во станот на Гјачини се наоѓаше во лабав домашен притвор, откако во 1998. година во Италија беше осуден на доживотен затвор поради масакр од март 1944. година. Тој по Втората светска војна пребега во Аргентина и во текот на неговиот живот не покажа каење.

До 1994. година четириесет години тој живееше непречено под неговото вистинско име во едно одморалиште во Аргентина. Тогаш тој беше откриен од еден американски новинар, кој трагаше по нацисти и некогашниот СС - офицер беше испорачан на Италија. Таму беше осуден поради масакр во Адреатинските пештери во близина на Рим. Меѓутоа, една година подоцна тој беше ослободен од воениот затвор и ставен во домашен притвор поради наводно лошо здравје и старост.

На 23. март 1944. година италијанските партизани со бомби убија 32 припадници на една германска полициска единица. Само еден ден по нападот германските СС - трупи одведоа вкупно 335 мажи во пештерите, за да ги застрелаат. Прибке како висок СС - офицер ја водел листата со имиња на жртвите, меѓу нив и 75 Евреи. Освен тоа, тој призна дека самиот убил двајца затвореници. Извинување или каење од Прибке никогаш не се слушнаа. Тој многу повеќе опстојуваше на тоа дека следел наредби и дека убиството на мажите не можело да биде спречено.