1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апсолутно мнозинство за опозицијата на изборите во Тајван

12 јануари 2008

17 милиони луѓе со право на глас во Тајван избираа 113 пратеници, колку што во иднина ќе има парламентот наместо досегашните 225. Победата на опозиционата Куоминтанг-партија беше предвидувана.

https://p.dw.com/p/Comf
Приврзениците на опозицијата во Тајван ја слават изборната победаФотографија: AP

Во предизборната кампања доминираа стопанската стагнација и со тоа поврзаниот став во однос на Кина, најважен инвестиционен партнер за тајванските фирми. Во изминатите години не можеше да биде одржан високиот стопански пораст и за прв пат стапката на невработеност достигна 4 проценти. „Се разбира дека е важна благосостојбата, но подеднакво се важни и демократијата и угледот на земјата. Не може само да се грижиш за стопанството и да велиш дека демократијата не ни треба. Тогаш Тајван ќе стане како што беше порано“ – вели еден 65-годишен граѓанин.

Де факто независниот Тајван е некогашниот кинески остров Формоза, на кој припадниците на Куоминтанг во 1949-та година побегнаа пред комунистите на Мао Це Тунг. Парламентот ја контролира владата и усвојува закони. Во последните години пратениците повеќе се занимаваа со самите себе, отколку со политиката, па и не се на добар глас во земјата. Вистинската власт ја има претседателот, кој од 2000-та година наваму е од редовите на Демократската прогресивна партија.

Претходно повеќе од 50 години авторитарно владееше партијата Куоминтанг, во која до денес доминираат Кинези од континенталниот дел. Нејзина декларирана цел и натаму е обединување со Кина, кога таа ќе се ослободи од комунизмот. Во меѓувреме и Куоминтангот посилно ја нагласува самостојноста на земјата, но претседателскиот кандидат Ма Јинг-Џио избегнува посилна конфронтација со Кина. Тој е јасен фаворит за претседателските избори на 22-ри мај.

Петер Кујат