1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апсолутна победа на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Катерина Блажевска7 април 2013

Партиите од владејачката коалиција на централно ниво, ја освоија речиси целата власт и на локално ниво, а опозицијата доживеа изборен дебакл.

https://p.dw.com/p/18BNC
Фотографија: Petr Stojanovski

На вториот круг од петтите локални избори во Република Македонија, според првичните резултати, владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои победа во 16 општини, а со победата во 40 општини во првиот круг, партијата обезбеди речиси апсолутна доминација во локалната власт, со победа во вкупно 56 општини во земјата. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не го криеше задоволството од „новата историска победа на локалните избори“.
„Имавме успешен изборен ден со слободни и демократски избори, што е победа на граѓаните и на Република Македонија. И овој пат победија делата, искреноста и концептот на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Груевски. Тој на градоначалниците од редовите на неговата партија им порача „уште од утре да ги засукаат ракавите“.    
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во Скопје, Битола, Велес, Берово, Богданци, Бутел, Делчево, Дебарца, Јегуновце, Кочани, Карбинци, Кавадарци, Лозово, Ресен, Старо Нагоричане, Чешиново- Облешево, Ѓорче Петров.        
Стевчо Јакимовски, кандидат на Српската напредна странка на Македонија доби нов мандат во скопската општина Карпош. И по 21 година локална власт на СДСМ во Куманово, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да освои победи во оваа општина. СДСМ во првиот круг победи во општина Ранковце, а по прегласувањето обезбеди континуитет во локалната власт и во Струмица. Во општина Центар победа прогласи кандидатот на опозицијата, Андреј Жерновски, но гласовите се уште не се целосно пребројани. Две градоначалнички места им припаднаа и на независни кандидати.
ДУИ ја потврди победата во сите општини во кои водеше во првиот круг, но за најзначајна ја смета победата со која му го зеде приматот на ДПА во Тетово и на НДП на Руфи Османи во Гостивар.   
„Победи демократијата, победија граѓаните на Република Македонија во фер изборен процес“, рече портпаролот на ДУИ, задоволен од изборните резултати.  
„Ова не беше невозможна мисија, туку нерамноправна борба, со многу притисоци и уцени од сите сегменти на власта, на ДУИ“, обвини лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
ДПА во Струга веќе ја слави победата на нивниот кандидат Зијадин Села, кој е поддржан и од ДУИ, но од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивниот кандидат Владимир Кочоски е во резултатска предност.
ВМРО-ДПМНЕ слави
Дождот не ги спречи новите градоначалници од редот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да ја прослават победата во своите општини. Во партијата се задоволни од резултатите и од текот на изборниот процес.  
Денешниот втор круг од локалните избори беше празник за демократијата во нашата држава, оцени директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
„И овој ден за Република Македонија, како и оној пред две недели ќе значи напредок за државата во остварување на европските перспективи. Процентот на излезност е многу солиден, односно голем, во споредба со вторите кругови на локалните избори во изминатите години“, рече Димовски. Тој потенцираше дека бројот на неправилности е далеку помал од кои било избори досега.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, потенцира дека со секој изборен циклус граѓаните демонстрираат се повисока демократска свест.
„Денот заврши во фер и регуларна атмосфера, како континуитет од првиот круг. Ова се избори со најмал број интервенции на полицијата и со најмал број на нарушувања на изборниот процес во споредба со сите изборни циклуси претходно“, оцени министерката.
СДСМ со куп приговори
Спротивно на овие оценки, Игор Ивановски од СДСМ, на прес-конференција оцени дека нерегуларностите од првиот круг кулминирале во вториот.
„Изборите во целост беа нерегуларни, нефер и недемократски, соодветно за една полициско-партиска држава. Имаше поткуп, присила, организирано носење гласачи, 'бугарски возови' со изнесување или крадење ливчиња, семејно гласање и приведување на партиски активисти на СДСМ“, обвини Ивановски.
Како пример за брутално кршење на изборниот процес тој го посочи гласањето во општина Центар, за кое најави дека ќе презентира аудио и видео докази.
„Особено вчудоневидува бруталното и досега невидено нарушување на изборниот процес во Центар, каде се носеа фантомски гласачи од други градови, како и од Пустец од соседна Албанија. Со помош на државни институции и службеници, овие фантомски гласачи со комбиња беа носени на гласање од полицијата и од полициската единица „Алфи“, посочи Ивановски.
Опозициската коалиција „Сојуз за иднината“ најави приговори за изборните нерегуларности.     
Еден час пред полноќ, на граѓаните им се обрати и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.
„За нас овие избори се нелегитимни. Македонија не е ни слободна, ни демократска, ни правна држава. Нема нормална држава во која вака се злоупотребуваат државни институции, во која се трошат буџетски пари само за една партија, во која се узурпира медиумскиот простор. Не е далеку денот кога ќе мора да се плати цената за овие погубни политики. Се лажат сите кои мислат дека опозицијата е поразена на овие избори. Поразена беше целата наша држава. Диктатура не може да биде поразена од една партија, туку од целиот народ. Ние сме тука, на потег сте вие почитувани граѓани“, порача Црвенковски.

 

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA