1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апел за придржување до Охридскиот рамковен договор

28 април 2010

Шефовите на мисиите на ЕУ, НАТО, ОБСЕ и на САД во Скопје денеска во заедничка писмена изјава изразија загриженост за неодамнешните изјави на политички лидери кои зборуваат за напуштање на Охридскиот рамковен договор.

https://p.dw.com/p/N7zf
Фотографија: Petr Stojanovski

Шефовите на мисиите ги повикуваат сите политички лидери во Македонија да ја потврдат целосната посветеност кон Охридскиот рамковен договор и кон јакнењето на политичкиот дијалог. Тие во писмото охрабруваат и на континуиран прогрес во сите реформи, потребни за остварување на надворешно-политичките цели на земјата.

Шефовите на мисиите ги повикуваат сите актери да ја удвојат исто така посветеноста кон меѓу-етничка хармонија и да се воздржат од какви и да е постапки што би можеле да создадат тензии на овој план. Според нив, се забележува и општо опаѓање на политичкиот дијалог.

„Би сакале да ја нагласиме нашата увереност дека евро-атлантската интеграција, како и целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор и понатаму остануваат да бидат најдобриот пат кон напредокот за сите граѓани на оваа земја и за поширокиот регион“, се вели во заедничката изјава.

Против сите видови насилство

Шефовите на мисиите на ЕУ, НАТО, ОБСЕ и на САД во Скопје се спротивставуваат на каков и да е вид насилство и закани со насилство, бидејќи, како што потенцираат во писмената изјава, тоа само ќе му наштети на политичкиот и на економскиот прогрес на земјата и е сосема спротивно на вредностите што тие ги застапуваат.

Тие ги храбруваат сите граѓани и нивните претставници, да ги искористат постоечките демократски механизми, вклучувајќи го и Собранието, за да ги унапредат своите интереси.

Овдешната јавна и политичка поддршка за евро-атлантските интеграции останува исклучително голема, се вели во писмото. Ние веруваме дека оваа општа волја треба да се почитува како начин преку кој ќе се обезбеди најдобрата можна иднина за земјата и за регионот, стои во денешната заедничка писмена изјава на шефовите на мисиите на ЕУ, НАТО, ОБСЕ и на САД во Скопје.

Автор: СН/ миа

Редактор: Горан Чутаноски