1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апел за враќање во парламентот

29 јануари 2011

Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски смета дека сите отворени прашања треба да се решаваат со политички дијалог и оти бојкотот на работата на Парламентот не е вистинскиот начин тоа да се направи.

https://p.dw.com/p/1075W
Претседателот на македонскиот парламент, Трајко ВељаноскиФотографија: DW/MIA

„Парламентот е местото каде треба да се изнесат прашањата и да се спротивстават аргументите, пред очите и судот на јавноста. Парламентарците токму за тоа се избрани и одговорноста е заедничка“, стои во писмената изјава на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски. Тој очекува на редовната координативна средба со потпретседателите на Парламентот и координаторите на пратенички групи во понеделник да дојдат и претставниците на опозициските партии и покрај нивните вчерашни најави дека ја напуштаат работата на Собранието.

„Политичкиот дијалог кој се одвива на координативните средби е вистинскиот начин за решавање на било кое отворено прашање. Со него ги почитуваме и одредбите од Законот за Собранието, а истовремено ја продолжуваме досегашната добра практика за сите прашања да се разговара и договара. Како претседател на Собранието, целосно сум подготвен да ги отворам сите прашања, кои опозицијата ги детектира како проблематични за демократскиот капацитет на Парламентот и која било друга институција, а особено прашањата поврзани со слободата на медиумите“, вели Вељаноски во изјавата.

Опозицискиот СДСМ вчера соопшти дека го напушта Парламентот и нема да учествува во неговата работа. Како што рече претседателот на партијата, Бранко Црвенковски причина за ваквата одлука е, недемократската и ненародна власт на ВМРО-ДПМНЕ. По СДСМ парламентот го напуштија и НСДП, Либералната партија и Нова Алтернатива на Ѓорѓи Оровчанец.

Автор: ГЧ/ТТ/миа/макфакс

Редактор: Горан Чутаноски