1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апели за деескалација на кризата на Блискиот исток

28 јуни 2006

ЕУ го повика Израел на разумност, што се однесува до започната воена операција во Појасот Газа.

https://p.dw.com/p/Ae0V
Евро-комесарката за надворешни работи Бенита Фереро Валднер
Евро-комесарката за надворешни работи Бенита Фереро ВалднерФотографија: AP

ЕУ ја разбира огорченоста на официјален Ерусалим поради грабнувањето на еден подофицер на израелската војска, но сега треба да им се даде шанса на дипломатските напори за негово ослободување, порача евро-комесарката за надворешна политика Бенита Фереро Валднер. Таа истовремено изрази голема загриженост поради извештаите дека во Појасот Газа по синоќешното бомбардирање на израелското воено воздухоплоство е прекинато снабдувањето со електрична енергија и во важни установи, како што се болници. „Мора да се стори се‘ за да се спречи влошување на тешката хуманитарна ситуација и пред да избие криза, што никој повеќе нема да може да ја контролира„ – нагласи Бенита Фереро Валднер.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја оцени офанзивата на израелската армија како колективно казнување на палестинскиот народ. Станува збор за агресија врз цивилни цели и инфраструктурни објекти, што претставува исто така и злостор против човечноста. Абас порача дека офанзивата на израелската армија, што почна доцна синоќа со влегување на тенковски единици во Појасот Газа и воздушни напади врз три моста и една електрична централа, го изненадила бидејќи бил сконцентриран на барањето на грабнатиот израелски војник. Оваа ескалација на насилство само го разурнува секојдневниот живот на Палестинците и нема да разреши ниту еден проблем. Тој ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел за брзо завршување на офанзивата. Израелскиот премиер Ехуд Олмерт денеска потврди дека воената операција има за цел да издејствува пушатње на слобода на израелскиот војник, што го грабнаа палестински екстремисти во неделата. Во нападот под водство на военото крило на владеачкиот Хамас беа убиени уште двајца израелски војници од контролниот пункт, а загинаа и двајца напаѓачи.

Денеска во градот Газа членови на Народниот комитет на отпорот, што ја презеде одговорноста за грабнувањето, поднесоа доказ и за тврдењето дека тие го грабнале и еврејскиот доселеник од Заоадниот брег, кој се води како исчезнат од неделата. Портпаролот на комитетот како доказ за тоа поднесе копија од личната карта на 18-годишниот доселеник. Конференцијата за печатот беше одеднаш прекината, откако се слушна наближување на израелски воени авиони.

Израелскиот министер за внатрешни работи Ави Дихтер денеска се закани со целни напади врз раководни личности на Хамас во Сирија. „Главните штабови на Хамас и на Исламски џихад се наоѓаат во дамаск и Сиријците го знаат тоа многу добро„ – изјави Дихтер за изралеското државно радио. Предупредувањата од израелската влада, што ги пренеле странски дипломати, наишле на игнорирање. „Тоа на Израел му дава одврзани раце да ги казни овие убијци„ – порача израелскиот министер за внатрешни работи. Израелската влада смета дека зад грабнувањето на 19-годишниот подофицер се крие шефот на политбирото на Хамас Калед Мешаал. Тој наводно се спротиставил на ослободувањето на израелскиот подофицер, за разлика од палестинскиот премиер Исмаил Ханија, кој заедно со претседателот Махмуд Абас се залага за ослободување на војникот.