Апели за воздржаност и изрази на сочувство по петкратното убиство
13 април 2012Во текот на првиот ден по убиството, петок (13.04), беа регистрирани неколку нарушувања на јавниот ред и мир во Скопје, при што беа оштетени автобус на ЈСП и три патнички моторни возила.
Според неофицијални информации на Дојче веле обдукцијата е завршена, но надлежните се’уште не објавија детали во интерес на истрагата. Според информации на македонските медиуми, педесетина лица биле повикани на информативен разговор во полицијата. Сите се жители од околните села и населби.
Претседателот Иванов апелира на воздржаност
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во писмена изјава повика на воздржаност, разумност и одговорност, по убиството на петте лица во близина на скопското село Смиљковци.
„Длабоко сочувствувам со семејствата на трагично загинатите лица. Најостро го осудувам овој грозоморен и злосторнички чин. Барам и очекувам надлежните институции да го расветлат овој случај. Во овие моменти на длабока тага најмалку што е потребно е каква било злоупотреба на овој трагичен настан“, стои во писмената изјава на претседателот Иванов.
Опозицијата побара оставка од Јанкуловска
Политичките партии од власта и од опозицијата го осудија злосторството и побараа решавање на случајот. Либералдемократите и ПЕИ побараа оставка од министерката за внатрешни рабори Гордана Јанкуловска.
Во седиштето на владечката ДУИ во Мала Речица се одржа средба помеѓу партискиот претседател Али Ахмети и американскиот амбасадор во Македонија Пол Волерс. Во соопштението до јавноста испратено од ДУИ се наведува дека двајцата се сложиле, дека е значајно да има темелна истрага при што тие што го сториле ова злодело да се донесат пред лицето на правдата. Соговорниците исто така се сложија дека институциите на земјата треба активно да ја менаџираат ситуација и преку активна истрага да го расчистат случајот. Граѓаните и медиумите исто така треба да дадат свој придонес при што не треба да се има предрасуди за мотивите за ова злосторство, соопштуваат од ДУИ.
Преку соопштение до јавноста и Демократската партија на Албанците го осуди чинот на петкратното убиство во близина на Скопје и истовремено апелираше до сите граѓани да ја сочуваат ладнокрвноста и да не подлегнуваат на разните шпекулации и провокации. Бараме од правните органи што побрзо да го обелоденат случајот и сторителите да се изведат пред лицето на правдата, истакнуваат од ДПА.
САД и ЕУ бараат воздржаност
Во осудата на злосторството се приклучи и меѓународниот фактор. Попладнето Американската амбасада во Македонија преку соопштение изрази сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот инцидент. „Ги повикуваме сите засегнати страни да останат мирни и да се воздржат од шпекулации или неосновани тврдења. Повикуваме на трпение додека чекаме да се откријат фактите за случајот и да започне законската постапка. Знаеме дека властите го истражуваат инцидентот и се во потрага по сторителот или сторителите на ова ужасно дело. Ги поддржуваме напорите на Министерството за внатрешни работи во продолжување на истрагата и законските процедури што е можно понавремено, како и во обидите да ја добијат поддршката на јавноста во прибирање на достапни информации за овие убиства“, се вели во соопштението од амбасадата.
Делегацијата на Европската унија во Скопје изрази најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите. Шефот на делегацијата амбасадорот Аиво Орав, информираат оттаму, е во постојан контакт со властите. „Запознаени сме дека Министерството за внатрешни работи спроведува детална истрагата, затоа ги повикуваме сите страни да останат мирни и воздржани и да им дадат доволно простор на властите да ги најдат и да ги изведат пред лицето на правдата
одговорните за овој ужасен чин“, велат од делегација на ЕУ.