Апелацискиот суд ја разгледува жалбата на „Пуси Рајот“
1 октомври 2012Затворската казна за Надежда Толоконикова, Јекатерина Самуцевич и Марија Аљехина им беше одредена од страна првостепениот суд во Москва на 17 август годинава поради протестната акција против рускиот претседател Владимир Путин во една црква во Москва. Тие беа прогласени за виновни за хулиганство и поттикнување на верска омраза.
Членките на „Пуси Рајот“ беа уапсени по пеењето на молитва во февруари годинава во црквата на Христос Спасителот која се наоѓа во близина на Кремљ. Во молитвата членките на бендот од Богородица побараа да го протера Путин од власт. Бранителите на девојките од панк-бендот поднесоа жалба на првостепената пресуда. Се очекува апелацискиот суд да ја изрече неговата пресуда уште во текот на денешниот ден. „Максимумот што го очекуваме е всушност намалување на казната на шест месеци“, изјави еден од бранителите.
Случајот на Пуси Рајот предизвика лавина критика во меѓународната јавност. Руската православна црква побара од музичарките да се покајат за нивната панк молитва и изрази уверување дека апелацискиот суд ќе го земе тоа предвид при изрекувањето на пресудата.