Анџелина Џоли превентивно ги отстранила двете гради
14 мај 2013Оскаровката Анџелина Џоли соопшти дека и‘ била изведена превентивна двојна мастектомија (операција на дојките) откако открила дека поради мутација на гените постои голем ризик да заболи од рак на дојките. Џоли го објави своето признание во текст во весникот „Њујорк Тајмс“, објаснувајќи дека нејзината мајка починала од рак на дојка на 56-годишна возраст и дека поради тоа и таа стравувала дека може да почине млада и да ги остави сами своите шест деца.
Нејзините доктори процениле дека постои 87-процентен ризик да заболи од рак.
„Кога сфатив дека тоа е мојата реалност одлучив да бидам активна и да го сведам ризикот на минимум. Одлучив да ми биде изведена двојна мастектомија“, пишува Џоли.
Целата процедура траела околу три месеци, од февруари до април годинава, и во текот на тој период Џоли можела да ги извршува своите секојдневни обврски.
Таа соопшти дека одлучила да ја објави својата приказна за да поттикне и други жени да се тестираат и навремено да реагираат во случај на опасност за нивното здравје.
„Одлуката да ми биде извршена мастектомија не беше лесна, но многу сум среќна што ја донесов“, пишува Џоли.