1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Анонимните должници“ помагаат

29 септември 2011

Во Германија, само во првото полугодие на 2011, банкротираа околу 15.000 претпријатија. Покрај тоа, има и 69.000 приватни лица кои пријавиле несолвентност. Атила фон Унру по својот банкрот, ги основал „Анонимни должници“

https://p.dw.com/p/12dV5
Фотографија: Markus Bormann-Fotolia.com

Должниците, според пратеничката во Бундестагот Елизабет Винкелмајер-Бекер, чекаат предолго додека достават барање за прогласување несолвентност. Економските штети поради тоа изнесуваат неколку милијарди евра. Голем број банкроти не се обработуваат оптимално. Често поради погрешни или брзи ликвидации се предизвикуваат дополнителни штети.

Христијанската демократка Винкелмајер-Бекер е член на Комисијата за правни прашања на Бундестагот. Таму сега се подготвува закон за олеснување на постапките за несолвентност, како за должниците, така и за доверителите. На пример, би требало да има поттик за должниците за пријавување банкрот порано. Винкелмајер-Бекер смета дека на проверка треба да се стави и стручноста на судиите и стечајните управници за постапување по вакви предмети.

Elisabeth Winkelmeier-Becker / MdB / CDU / Bundestag
Елизабет Винкелмајер-БекерФотографија: CDU/CSU-Fraktion

Личен неуспех

Планираните промени веќе не се однесуваат на Атила фон Унру. Тој во 2005 година доставил барање за прогласување несолвентност. 51-годишниот Фон Унру се сеќава дека тој чекор за него значел ослободување: „Во тој момент знаев дека на повидок е копно, дека има перспектива и дека за шест години веќе нема да имам долгови“.

Фон Унру бил сопственик на Агенција за ивент-маркетинг и ја продал. Кога купувачот банкротирал, од тоа бил погоден и Фон Унру, зашто тој гарантирал со лична гаранција од 300.000 евра. Овие пари банката ги сакала веднаш назад. Долго верувал дека некако ќе успее да плати. Потоа почнал да се надева дека се‘ добро ќе се заврши. Како претприемач излегол на крај со многу кризи, но јамката околу вратот се стегала се‘ повеќе. Конечно морал да си признае дека така веќе не оди. Кога го доставил барањето за прогласување банкрот, зад него веќе имал изминато долг пат.

Symbolbild Überschuldung Leere Hosentaschen NO FLASH
Банкротот за лицата што пријавиле несолвентност значи често срам, чувство за неуспех, тенденција кон осаменостФотографија: Bilderbox

Општествена изолација

Срамот бил голем. Неуспехот бил постојано присутен, тој често го означува патот кон осаменост. Се поставува и прашањето за вина и одговорност, вели Фон Унру. Тој постапката за несолвентност ја нарекува - хорор. Ако при поднесувањето на барањето чувствувал олеснување, во текот на постапката се‘ се променило. Неговата банка не сакала да му отвори сметка. Често има проблеми и со претпријатијата за струја или телефонски услуги. А ако некој, што е несолвентен, се обиде да најде стан, тогаш шансите му се многу лоши, вели Фон Унру, додавајќи дека никој не го сака за потстанар.

Поради се‘ она што го снашло, Фон Унру во тоа време во Келн основал круг за разговори „Анонимни должници“. Во меѓувреме, вакви групи има во цела Германија. Побарувачката е голема. Луѓето добиваат совети пред прогласувањето несолвентност или во тек на постапката. Кај Фон Унру доаѓаат шефови на банкротирани фирми, здруженија или претпријатија. Сите сакаат да разговараат, да бидат разбрани и да се информираат. Фон Унру може да помогне многу и од сопственото искуство. Покрај оваа волонтерска работа, тој е и самостоен советник за претпријатија. Така, од некогаш несолвентниот претприемач, од своето сопствено пропаѓање, успеал да создаде два почетока.

Автор: Петра Никлис/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска