1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Андре Бушман: Македонија во длабок конфликт

Тони Гламчевски15 март 2013

Делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа од предизборната мисија во Македонија се врати со впечаток дека во земјата постои длабок конфликт.

https://p.dw.com/p/17yJc
Фотографија: Europarat

Предизборната мисија на Конгресот за локални и регионални власти на Советот на Европа (КЛРВСЕ) имаше за цел да се запознае со подготовките на локалните избори во Македонија, кои се одржуваат само неколку месеци откако на 17 октомври 2012 во Стразбур беше усвоен извештајот за ситуацијата со локалната и регионалната демократија во земјата.

Општо, КЛРВСЕ со задоволство забележува дека Македонија презела мерки и постигнала значаен напредок во изминатите пет години во локалната демократија и децентрализација, што води кон подобро функционирање на територијалните заедници и подобра соработка меѓу општините и владата.

Андре Бушман известувачката на КЛРВСЕ за Македонија, за време на неодамнешната предизборна мисија во Македонија, вели дека се почуствувал длабокиот конфликт, но се добиле и уверувања дека изборите ќе поминат добро.

„Глобалниот впечаток е дека постои длабок конфликт, како на ниво на парламентот, така и на национално ниво, што во моментот на нашата посета се одразуваше и со намерите да не се организираат, односно да се бојкотираат изборите. Но глобално, политичарите со кои се сретнавме не‘ убедуваа дека треба да се разликува локалната и националната политика и дека на локално ниво ќе биде направено се‘ за да изборите се одвиваат што е можно најдобро“, изјави таа за ДВ.

Македонија има мирно население

Според Бушман, делегацијата на Конгресот не ги почуствувала директно тензиите, посебно не тие кои избувнаа по етничка линија.

„Ние не почувствувавме директно тензии. За време на мисијата имавме средби не само со политичари и претставници на владата, туку и со новинари кои ни рекоа дека има тензии, но глобално македонското население е многу пацифистичко и не е многу ангажирано во секојдневните политички борби. Во Македонија има истовремено многу етнички, културни и политички предизвици за што е потребно создавање на здруженија на граѓани и водење на битки за справување со овие предизвици на ниво на асоцијации. Тоа што нас ни го привлече вниманието на пример, е тоа дека и покрај политичките битки кои беа во тек, во Скопје беше организирана една еколошка велосипедска манифестација“, вели Бушман.

Вниманието на предизборната мисија било привлечено од тоа дека сите локални заедници во Македонија не располагаат со исти можности за организирањето на изборите, односно едни располагаат со многу повеќе средства, додека за другите тоа е многу потешко поради немање финансиски средства.

„Тоа што мене ми е важно на демократски план е дека се потребни средства за организирање на изборите на практичен план, да се отворат и да функционираат гласачките места. И истовремено е потребно целокупната изборна пропаганда и кампања да биде финансирана од јавни средства.“

Конгресот од 20 до 25 март ќе испрати своја делегација од 17 членови кои ќе ги следат изборите заедно со останатите меѓународни набљудувачи. Извештајот ќе биде разгледан на есенската сесија во Стразбур.

Жените многу слабо застапени во локалните власти

Конгресот не даде посебни препораки за изборите, вели Андре Бушман.

„Но многу се дискутираше за местото на жените на локално ниво. Можеби по овие избори ќе има две жени градоначлници, но ние констатиравме дека засега жените се присутни до едно извесно ниво, а потоа ги нема. Тоа не е специфика само на Македонија. Ова прашање, очигледно беше сфатено сериозно, бидејќи двајца министри ни дадоа детални објаснувања зошто е таква ситуацијата во земјата.“

Во разговорите кои биле водени во Скопје, делегацијата на Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, според Бушман, инсистирала и на она што беше подвлечено во нејзиниот извештај од пред пет месеци, односно - трансферот на финансиските средства од државата кон локалните власти.

„Тоа што не е добро, е што трансферот зависи од политичката припадност на градоначалникот. Значи нема рамноправност и правичност во трансферот, засега тоа многу зависи од политичката блискост на градоначалникот со централната власт“, завршува известувачката на КЛРВСЕ.