1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангелика Беер: „Јас сум оптимист и сметам дека Грција на крајот нема да стави вето“

Горан Гоиќ2 април 2008

„Јас сум оптимист и сметам дека Грција на крајот нема да стави вето, бидејќи станува збор за егзистенцијални безбедносни интереси во регионот“ – смета европратеничката од редовите на Зелените, Ангелика Беер.

https://p.dw.com/p/DZ3F
Ангелика Беер, пратеничка во Европскиот парламентФотографија: DW

„Германија преку европските неуспеси на Балканот по крајот на ерата на Милошевиќ сфати дека има безбедносни интереси во регионот. Многумина прашуваат зошто овие земји да бидат примени во НАТО, не е ли подобро да бидат примени во ЕУ. Факт е меѓутоа дека воената интеграција на Македонија, Албанија и Хрватска е многу напредната, тие учествуваат во меѓународните мисии на НАТО и имаат жртви како и другите членки на Алијансата. Германија како и мнозинството европски држави оценува дека станува збор за безбедносна придобивка за Европа доколку одлуката за приемот на земјите од Јадранската повелба биде донесена сега на самитот во Букурешт.“

Во интервјуто за ДВ пратеничката на Зелените во Европскиот парламент посочува и на промените во регионот: „Ако погледнеме кон Балканот, Македонија на пример ја заврши реформата на армијата, учествува во мисијата во Авганистан. Од таа гледна точка национализмот што сега владее во Грција и го попречува натамошното проширување на НАТО претставува голем безбедносен ризик. Затоа што овие земји презедоа огромни напори на полето на економијата, на полето на правата на малцинствата итн., како што е случајот со Македонија, и ним сега не можеме да им ја затвориме вратата пред носот. Затоа очекувам од германската влада, но и од другите европски држави да извршат голем притисок врз Грција за да го ослободи патот за прием. Грција згора на тоа потпиша во 1995-та година дека проблемот со името нема да биде проблем на патот на Македонија кон ЕУ и кон НАТО.“


Запрашана дали е можно потенцијалното вето на Грција за Македонија да го попречи и приемот на Албанија и Хрватска, Ангелика Беер одговара: „Тоа за жал не можам да го исклучам. Ќе биде многу тешко да се образложи зошто на грчкиот национализам, кој во сегашниот стадиум е навистина провокативен, му се дава слободата да решава за иднината на НАТО. Ако погледнеме како грчката политика почна да инсистира на примената на името по прогласувањето на независноста на Македонија, станува збор за политика на агресија која не може да се спои со критериумите од Копенхаген. И затоа во моментов мораме да и’ кажеме на Грција дека доколку и’ припаѓа на Европа, тогаш мора да му даде поддршка на тој фактор на стабилност.“


На крајот Ангелика Беер оценува:„Јас сум оптимист и сметам дека Грција на крајот нема да стави вето, бидејќи станува збор за егзистенцијални безбедносни интереси во регионот. Доколку тоа сепак се случи сметам дека треба да размислиме за санкции против Грција за да сфати дека не смее да внесува раздор во ваков безбедносен сојуз од свои националистички интереси.“