Анархистите одговорни за бомбите во Рим
24 декември 2010Неформалната анархистичка федерација преку соопштение ја презеде одговорноста за нападите во амбасадите во Рим. Соопштението се наоѓало во едно од кутиите во кое била испратена и пакетот бомба. Во него се вели „Одлучивме, одново да се чуе нашиот глас, со зборови и дела. Ние го уништуваме системот на владеење.“
Вчера попладне (23.12.2010) прво експлодираше пакет бомба во швајцарската амбасада во Рим. 53-годишниот службеник во амбасадата претрпе тешки повреди на рацете поради што едната рака ќе му биде ампутирана. Неколку часа подоцна експлодираше бомба и во амбасадата на Чиле. И оваа експлозија му нанесе повреди на рацете и очите на еден вработен во претставништвото. Според информации од швајцарската амбасада бомбата стигнала заедно со вообичаената пошта. За пакетот бомба што стигна до чиленската амбасада се знае дека бил испратен од Италија.
По нападите алармирани беа сите амбасади во Италија, соопшти шефот на римската полиција Франческо Таљиенте. Алармот од украинската амбасада во италијанскиот главен град се покажа дека го предизвикала безопасна поштенска картичка. Исто така и сомнителниот пакет во претставништвото на ЕУ во Берн беше безопасен.
Италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини и неговиот германски колега Гидо Вестервеле ги осудија нападите. Министерот за внатрешни работи на Италија Роберто Марони укажа на сличната серија напади во Грција минатиот месец. „Тоа се многу насилнички групи, кои се стационирани во Шпанија и во Грција и се многу добро поврзани“, рече Марони. Грчките безбедносни сили во текот на вчерашниот ден биле контактирани од нивните италијански колеги, меѓутоа не е утврдено дека постои некаква поврзаност меѓу двете серии напади.
Автор: АТ/ СН/ афп/ дпа/ дпап/ дв/
Редактор: Жана Ацеска